Дилемата на Зеленски: како да се соберат нови луѓе за војска?

Од јуни месец Зеленски на маса го има предлогот на украинската армија за мобилизирање на дополнителен број Украинци во вооружените сили. До сега тој го издржува притисокот на војската да го потпише истиот.

Иако проблемите со регрутација има и на двете страни од фронтот, разликата е што Русите располагаат со три пати поголема популација од Украинците.

Како што објаснува Блумберг одбивањето на Зеленски да го потпише новиот закон за регрутирање „потекнува од неговата желба да види јасен план што неговата војска сака да постигне со новиот повик, како новите регрути ќе бидат распоредени и како да се направи распоред за ротација на оние што се 21 месец на фронтот.“

Ваквото одлагање е проблематично за војската која очекува новиот закон да и даде пристап до дополнителни 140.000 потенцијални регрути. Во есејот на Залужниј за Економист, првиот човек на украинската војска пишува дека сегашните правила содржат пропусти кои им дозволуваат на граѓаните да ги избегнат своите обврски.

Ова конкретно се однесува на можноста да се регрутираат сите Украинци на возраст од 18 до 60 години, но таа содржи исклучок за сите под 27 години кои немале воено искуство, освен ако сами не решат да волонтираат. Новиот предлог закон предвидува намалување на оваа возраст од 27 на 25 години.

Моментално просечната возраст на војник во украинската армија е над 40 години.

Во пракса со сегашниот закон на Украина тешко и оди пополнувањето на квотите за нови припадници на армијата, како што беше случајот со Полтава во централна Украина, каде регрутацијата донесе  само 10% од предвидените војници.

„Новите проблеми со обезбедување човечка сила коинцидираат со мачнината која ја зафаќа Украина, предизвикана од неуспехот на контраофанзивата заради која се шири чувството дека војната нема да заврши во скоро време. На тоа додади ја веројатноста за зимско ракетирање и нервозите околу испораките од сојузниците и политичката математика на Зеленски станува потешка,“ пишува Блумберг.

Експертите кои разговараат со Блумберг објаснуваат дека стравот на претседателскиот кабинет е дека потпишувањето на новиот закон за регрутирање само ќе ги ескалира тензиите во земјата а ќе го интензивира и „мир по секоја цена“ расположението.

На другата страна на фронтот заради закажаните избори во март 2024, се очекува дека Путин ќе избегнува каква било општа мобилизација, но и дека ќе продолжат масовните рекламни кампањи, базирани на патриотизам, во кои се повикуваат младите Руси да се приклучат кон војната. Кај Русите посебен стимул даваат и високите плати за војниците, кои знаат да бидат и до три пати повисоки од просечната плата.

1 декември 2023 - 14:34