Неговиот идентитет требаше да се дознае кон крајот на месецот во специјално интервју за Фокс Њуз, меѓутоа Дејли Меил објави дека предвремено откриле кој е членот на СЕАЛ.
Причината зошто О'Нил се решил да се откаже од својата анонимност е затоа што загубил дел од воените бенефиции откако го напуштил СЕАЛ по 16 години служење наместо комплетните 20 години.
Најавеното интервју за Фокс, следува една година откако Ескваер објави интервју со него (во кое му беше скриен идентитетот) каде меѓу другото раскажуваше за акцијата. Во интервјуто збореше и за начинот на кој се третираат ветераните од страна на армијата. Тогаш тој посебно стравуваше дека ќе го изгуби здравственото осигурување и пензијата, затоа што сака порано да ја напушти Морнарицата. О'Нил изјави дека кога им кажал на претпоставените дека по 16 години служба сака да си замине, тие му понудиле работа со разнесување пиво во Мичиген.
О'Нил расте во Бут, Монтана, а на 19 години се пријавува во морнаричките фоки како обид да преболи една девојка што му раскинала (татко му има поинаква верзија според која на 19 години тој запознал член на СЕАЛ и кога видел дека тој изгледа како нормален човек одлучил да се пријави). Во својата служба изминатите години тој повеќе пати е испратен во Ирак и Авганистан, каде има над 400 мисии, и за кои бил одликуван вкупно 52 пати. Единствен медал што O'Нил го нема добиено е Пурпурното срце, ама според татко му тоа е затоа што "тој никогаш не учествувал во акција во која негов колега бил убиен или повреден."
Три мисии на O'Нил веќе се претворени во холивудски филмови. Тој е првиот кој стапнува на Маерск Алабама (Captain Phillips), помага во спасувањето на фоката Маркус Лутрел, кој е единствениот човек што ја преживеа неуспешната мисија за заробување на талибански лидер во Авганистан (Lone Survivor), и филмот за акцијата за убиство на бин Ладен (Zero Dark Thirty).
О'Нил е вториот од 23-цата членови на СЕАЛ одредот кои учествуваа во акцијата за елиминирање на Осама, што го откри својот идентитет.