Соопштението следува по повеќе месечни дипломатски напори да се направи нешто, а притоа да не се изнервира Саудиска Арабија.
Саудијците џамијата ја имаа „бесплатно“ на лизинг на 99 години. Договорот е од 1969-та, и со него саудиските имами добија пристап до растечката муслиманска заедница во земјата, претежно имигранти од Мароко и Турција. Во знак на благодарност за гестот Саудијците испорачуваа поевтина нафта за белгиската индустрија.
Џамијата беше управувана од Муслиманската светска лига, заедница базирана во Мека и финансирана од Саудиска Арабија. Од организацијата негираат дека ширеле насилство, од белгиското министерство за внатрешни работи велат дека „на овој начин се справуваат со салафистичките, насилнички екстремистички влијанија.“
Потегот на Брисел коинцидира со новата, неофицијална, саудиска иницијатива за прекинување на поддршка на џамии и религиозни училишта кои низ светот се обвинети за ширење радикални идеи.
Нов станар на џамијата ќе биде Муслиманската егзекутива на Белгија, официјално тело кое ги претставува муслиманските заедници низ земјата.
Според белгискиот министер за правда, Коен Генс, на овој начин се промовира европски Ислам, кој е подобро усогласен со нивните вредности.
„Од сега џамијата ќе мора да воспостави трајни врски со белгиските власти, притоа почитувајќи ги нашите закони и традиции, кои пренесуваат толерантна визија за Исламот,“ изјавил Генс.
Според извори на Ројтерс од белгиските безбедносни сили, Муслиманската егзекутива е блиска со мароканската влада, со која пак Белгија има силни разузнавачки врски.