Бајката за саудискиот воен договор од 110 милијарди долари

За време на посетата на Трамп на Саудиска Арабија, беше објавено дека САД потпишале договор за продажба на оружје на арапскиот домаќин во вредност од 110 милијарди долари. По зборовите на Брус Рајдел од вашингтонскиот Брукингс институт, "ова се лажни вести".

Рајдел во разговор со луѓе од одбранбениот бизнис и од Капитол хил, доаѓа до идентична информација: не постои никаков договор од 110 милијарди долари. Туку она што има во моментов е еден куп писма за интерес или намера, меѓутоа без договори. Најголемиот дел од понудите содржат нешто што одбранбената индустрија смета дека Саудијците еден ден ќе ги интересира. Она што моментално се спроведува како продажба на оружје на Саудијците е дел од договорите потпишани од времето на администрацијата на Обама.

Дополнителен проблем е и тоа што моментално е малку веројатно дека Саудијците би платиле 110 милијарди долари за оружје, пред се заради ниските цени на нафтата и 2-годишнта војна што ја водат во Јемен. Обама во текот на двата мандата на Саудиска Арабија и продаде оружје во вредност од 112 милијарди долари, од кои најголемиот дел беше договорен од тогашниот Секретар за одбрана Боб Гејтс. За да ја добие дозволата за продажба од Конгресот, Гејтс мораше паралелно да преговара и договор со Израелците за да им компензира за оваа продажба со што ќе ја заштити нивната воена надмоќност во однос на арапските соседи. Со падот на цените на нафтата Саудијците постојано доцнат со исплатата на оружјето договорено со Обама.

"Сами ќе дознаете дека договорот на Трамп е вистински кога Израелците ќе почнат да бараат пакет што ќе ја задржи предноста на израелските одбранбени сили. Она што ќе се оствари во скоро време е милијарда долари вреден договор за продажба на муниција на Саудијците за војната со Јемен. Саудиското кралско воено воздухопловство има потреба од уште муниција за да продолжи со бомбардирање на најсиромашната држава во арапскиот свет," пишува Рајдел.