Амстердам ќе се врати од ковид-19, курвите и дрогата може и не

Како што епидемијата ги испразни улиците на Амстердам од туристи, така амстердамци сфатија дека по сите овие години терање туризам во центарот на градот не останало ништо интересно за локалците. И сега сакаат тоа да го сменат, само проблем им е што туристите годишно оставаат по 6 милијарди евра во градот.

Амстердам има околу 800.000 жители, а месечно му доаѓаат над 1 милион туристи, и оваа наезда никогаш не била така очигледно како последниве неколку месеци откако ги снема туристите.

„Ова болно покажа колку малку луѓе всушност живеат во центарот и колку малку тој има да им понуди на локалците. Ние треба да го промениме тоа,“ изјавила претседателката на советот на централниот дистрикт на Амстердам, Маша тен Бругенкате.

Па кон крајот на мај градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, објави план за постигнување баланс меѓу туристите (парите) и локалците (гласачите). Меѓу мерките е предвидено да се купи имот во центарот на градот и да се ограничат тамошните продавници за сувенири, канабис и вафли, со цел да се отворат повеќе компании во кои локалците би можеле да работат, куќи во кои тие ќе живеат и продавници што би им служеле на локалците.

Ова не е прв пат градските власти да излезат со ваков план, меѓутоа е прв пат да има така висока веројатност за негово спроведување. На ваквите мерки совршено легна најавата на Адјен НВ, една од најуспешните холандски компании за финансиски технологии, дека ќе закупи канцелариски простор во центарот со површина од 17.000 метри квадратни. Градот ова го смета за своја голема победа, бидејќи активно се обидуваше да го спречи егзодусот на компании од историскиот центар на Амстердам кој се случува последниве речиси две децении.

Друг столб на планот е да се реконфигурира протокот на туристи со тоа што од центарот ќе се иселат кофи-шоповите и борделите, кои последниве години го прават животот во центарот неподнослив, што заради неподнослива гужва, што заради неподносливо однесување.

Во конкретниот случај со борделите, освен парите што ги прават во центарот на градот, привлечна околност е што тамошните улици и околината се преплавени со безбедносни камери, што им дава сериозна заштита.

Моменталната криза отвора можност за локалните власти да ги откупат објектите во кои сега се наоѓаат излог-борделите, моментално се околу 330, меѓутоа па и касите на локалните власти се испразнети што од кризата што од немањето туристи.

Сопствениците на кофи-шопови објаснуваат дека иако тие се една од причините за гужвата во градот, истите тие туристи пред и по посетата на кофишоповите, резервираат хотели, јадат во ресторани, ќе прошетаат со брод по каналите, “трошат пари, а економската состојба ќе биде многу тешка во следните години, исто така ни треба и работа.“

Дел од градските власти и не се држат фундаменталистички до намерата да се селат постојните бизниси, туку само бараат начин како центарот и понатаму да биде жив со туристи, „но и понатаму да биде место каде локалците живеат, работат и тераат живот“.

9 јуни 2020 - 11:01