И при оваа американска војна со Иран се користат голем дел од тактиките како при Танкерската војна во 1980-ите години. Тогаш ирачкиот лидер Садам Хусеин, исцрпен од долгата војна против Исламската Република реши да ги нападне иранските танкери, со двојна цел - да ја уништи економијата на Техеран и да предизвика интервенција од светските сили да го заштитат пристапот до нафта.
Ирачки авиони ја бомбардираа иранската нафтена инфраструктура на островот Харг - истиот што САД го ракетираа пред една недела, на што Иран одговори со напади врз трговски бродови што превезуваа залихи и оружје за Ирак. Откако беа погодени негови бродови Кувајт побара странска помош, на што прв одговори Советскиот Сојуз и испрати воена придружба. САД, за да не го изгубат влијанието во регионот, претставија кувајтски бродови како „американски“ за да добијат заштита од американската морнарица.
Проблемите почнаа уште пред да пристигнат бродовите за придружба. Во мај 1987 година, ирачките сојузници ја ракетираа американската фрегата „Старк“, која по грешка ја идентификувале како ирански брод. Загинаа 37 члена на екипажот, а уште дваесетина беа ранети.

Ирачаните подоцна се извинија за „пријателскиот оган“ – исто како кувајтската противвоздушна одбрана во оваа војна, откако соборија три американски ловци „ф-15“. Разликата е што овој пат американските пилоти се катапултираа и немаше жртви.
Опасностите за нашите мажи и жени што ја бранат слободата никогаш не можат да бидат потценети, коментираше претседателот Роналд Реган по нападот врз „Старк“.
Но, опасностите се редеа. Морнарицата во јули 1987 година ја почна операцијата „Earnest Will“ за придружување на танкерите. Пет брода на 22 јули придружувале два танкери до Кувајт, но Иран поставил мини во тесниот канал низ кој морал да помине конвојот. Супертанкерот „Бриџтон“ удрил во контактна мина и бил оштетен. Немало жртви, но инцидентот ја посрами американската морнарица, за која медиумите пишуваа дека наместо да го заштити танкерот, го користела како чистач на мини.

Пентагон ги суспендираше операциите за придружба сè додека не пронајде чистачи на мини, кои ги немаше во морнарицата. Свои бродови испратија Белгија, Франција, Италија, Холандија и Британија.
Дури и со помош од сојузниците, односот на мини наспроти чистачи ги надмина капацитетите на САД, забележал поручникот Квентин Зимер.
По 24 безбедни мисии, фрегатата „Семјуел Робертс“ во април 1988 година навлезе на минско поле поставено од Иран претходниот ден. Капетанот го забележал и решил да се врати по истиот пат, но бродот сепак активирал мина, која направила голема дупка во трупот. Екипажот едвај успеал да ги закрпи деловите со челични сајли. Имало само десетмина повредени морнари.

Како одмазда, САД ја наредиле мисијата „Богомолка“ за уништување на иранските нафтени платформи во Заливот. Иранците возвратиле и почнала првата директна пресметка со ракети на море. Историчарот Крејг Симондс ја вброил како една од петте најважни американки поморски битки во историјата.
Богомолка ги направи САД неоспорна суперсила во светот, со способност да донесува одлуки на бојното поле во реално време од илјадници милји оддалеченост, способност за прецизно испукување ракети врз бродови што ги регистрира само како електронски сигнали и способност да ги интегрира сите гранки на воената служба во кохезивна машина. Битката покажа дека американската војска поседува технологија што ја прави најголемата воена сила што светот некогаш ја видел, забележува Симондс.
Никој точно не знае колку мини сега се поставени во Ормускиот проток. Засега нема извештаи дека некоја оштетила брод. САД, како и пред 40 години, немаат свои чистачи на мини. До неодамна имаше четири во регионот, но тие лани биле деактивирани. Од трите крајбрежни бродови што требаше да ја преземат улогата, два се вкотвени во Малезија. Претседателот Трамп побара од сојузниците да испратат миночистачи, но никој не одговори.

Технологијата многу напредуваше по операцијата „Богомолка“. САД имаат помодерни бродови, оружја, сателити и радарски системи, но Иран има евтини дронови и во воздух и на море.
Експерти се сомневаат дали САД, кои немаат чистачи на мини, воопшто помислиле дека Иран може да го затвори Ормускиот теснец.
Историјата се повторува. Секој што се сеќава на војната меѓу Иран и Ирак знае дека тогаш беа потребни придружби. Разочарувачки е што никој не помислил на ова, вели поморскиот консултант Френк Коулс, кој пловел во конвои во Танкерската војна.