За убијците

Ако муслиманите се "терористи", а црнците се "насилници", како тоа белците се "ментално болни"?

Медиумите веќе започнаа да го користат "ментални болести" наративот за опишување на осомничениот убиец Дилан Руф. А зошто да не го наречат осомничен терорист?

Во колумната за Вашингтон Пост, Антеа Батлер (професорка по африкански студии на Универзитетот Пенсилванија) објаснува дека убиството на 9 афро-американци во црквата во Чарлстоун не е прв ваков напад во САД извршен од белци, и дека црнечките цркви со децении се мета на белци расисти, кои сакаат да ги заплашат црнечките заедници кои ги посетуваат овие цркви.

Забелешката на Батлер е дека она што не се менува исто како и агендата на расистите, е и понатамошното одбивање на медиумите да ги квалификуваат нападите налик оној од средата како тероризам, а убијците од нив како терористи.

"Наместо тоа дифолтното објаснување за неговите наводни постапки ќе биде ментална болест. Тој ќе биде хуманизиран и опишан како болен човек, жртва на општеството и неадекватните ресурси за помагање на менталното здравје," пишува Батлер.

За Дилан Руф, ваквиот наратив го започна специјален агент на ФБИ, кој на СиЕнЕн изјави дека Руф најверојатно "има некакви ментални проблеми" и дека не знае дека направил нешто погрешно.

"Американските медиуми имаат поинаква пракса кога покриваат криминал кој вклучува афро-американци или муслимани. Како осомничени, нив брзо ги карактеризираат како терористи или насилници, мотивирани чисто од зла намера наместо од надворешни неправди. Додека осомничените белци се волци самотници - градоначалникот на Чарлстон нагласи дека пукањето е акт на 'еден лик полн со омраза' - насилството од црнци и муслимани е систематско, и изискува одговор и реакција од сите кои ја имаат истата раса или религија.

Дури и црните жртви се претставени како насилници. Нивните животи се прочешлуваат во потрага и по каков било прелом или знак на оправдување за убиствата кои ги снашле: Трејвон Мартин носел качулка, која била 'подеднакво одговорна за неговата смрт како и Џорџ Зимерман'... Мајкл Браун украл цигари, а Ерик Гарнер продавал шверцувани цигари - епски лоша одлука што колумнистот на Њујорк Пост и многу други, ја искористија за некако да ја оправдаат неговата смрт. А кога Деџариа Бектон, црна тинејџерка која не извршила никаков прекршок, беше соборена од полицаец на забавата на базен во МекКинеј, Тексас, водителката на Фокс Њуз, Мегин Кели, ја опиша жртвата дека 'и не била некоја светица'.

Во јавната дебата, црните деца често пати морфираат во потенцијално заканувачки возрасни луѓе откако и самите биле жртви, додека белите масовни убијци се претставуваат како деца, иако се длабоко загазени во 20-те. Извештаите од медиумите и полициските записници повеќекратно го наведуваа Тамир Рајс, 12-годишно дете застрелано од полицијата во Кливленд додека си играло со пиштол играчка, како 'младо момче'. Но Џејмс Холмс, кој имаше 25 години кога застрела и уби дузини посетители на киното во Аурора, Колорадо, често пати во профилите по медиумите е дефиниран според неговата младост, опишувајќи го како 'нормално дете,' 'типично американско дете,' и 'паметно дете,'" објаснува Батлер во колумната.

Дури и сето ова што до сега се случувало да може некако да се оправда (а не може), Батлер порачува дека таквиот наратив нема да може да држи за пукањето во Чарлстоун.

"Тие што се убиени само учествуваа на вечерното читање на Библијата. А убиецот најверојатно намерно ја избрал таа црква, ако се има предвид историјата на црквата. Таа е првата африканска методистичка епископална црква на Југот, основана во 1818-та од група луѓе меѓу кои Морис Браун, проминентен пастор, и Денмарк Весеј, кој подоцна води голем, но сепак неуспешен, бунт на робовите во Чарлстоун. Уште во првите години црквата е напаѓана од преплашените белци бидејќи е изградена со парите од анти-робовските здруженија од Северот. Во 1822-ра членовите на црквата беа испитувани за нивната вклученост во планирањето на бунтот на робовите на Весеј, и во знак на одмазда зградата беше изгорена до темели.

Во тој контекст, јасно е дека убиството на пасторот и членовите на црквата е намерен акт на омраза...

... Се надевам дека покривањето на настанот нема да се сведе на типичната приказна која им се припишува на белците убијци: самотник, пореметен или ментално болен млад маж изневерен од општеството. Ова не беше само акт на 'еден човек полн со омраза.' Ова беше манифестација на расна омраза и бел расизам кои продолжуваат да преовладуваат во нашето општество, 50 години откако бомбардирањето на црквата во Бирмингем го стимулираше движењето за човекови права," порачува професорката.

20 јуни 2015 - 13:42