25 милиони луѓе во живо го гледаат градењето на болниците во Вухан

Една од мерките на кинеските власти за справување со коронавирусот во Вухан беше итна, ама итна, изградба на две привремени болници. Заедно со десетиците багери, булдожери, кранови и останата тешка механизација, на изградбата, преку интернет, беа присутни и милиони Кинези.

Заедно болниците ќе имаат меѓу 2.000 и 2.500 кревети за третман на пациентите заразени со вирусот, а се очекува да бидат пуштени во употреба на 3-ти и на 5-ти февруари.

Директен стриминг од изградбата на болниците:

Првата болница се гради во западното предградие на Вухан на површина од над 24.000 метри квадратни, ја градат 4 градежни компании кои немаат застанато со работа од петокот (ова е посебно симболично за Кинезите, затоа што во саботата беше Кинеската Нова Година).

Втората е во јужното предградие на Вухан, која почна да се гради во саботата, ќе има две згради со вкупно 1.500 кревети, и предвидено е во неа 2.000 лекари и медицински персонал да се грижат за пациентите.

Инаку во рок од 2 дена Кинезите успеаа да опремат и да пуштат во употреба една нова изградена болница во близина на Вухан која некое време дремеше затворена. Оваа болница првично беше закажано да биде отворена некаде во мај годинава. Во петокот, локалните власти наредија дека болницата ќе може да се користи само за пациенти со коронавирусот.

29 јануари 2020 - 10:14