180 степени +180 степени = 0 степени

Нетанјаху ја нуди опцијата и Палестинците да имаат држава. На анкети губи дебело. Два дена пред избори врти лист и вика: "Нема за нив држава дур сум јас премиер". Добива избори! На првото интервју по изборите го враќа листот назад.

Еден ден пред неговата партија да победи со импресивна предност на израелските избори, премиерот Бенјамин Нетанјаху направи чекор за свој политички опстанок, повлекувајќи ја неговата претходна поддршка на дво-државното решение на израелско-палестинскиот конфликт.

Овој потег му донесе и меѓународна осуда, но и домашна поддршка, особено во форма на најбитната изборна валута - гласовите. Пред промената на ставот, шансите за повторен избор на Нетанјаху беа тенки, се чинеше дека центристичко-левичарскиот сојуз ќе освои повеќе гласови од Ликуд на Нетанјаху, со што ќе се отвореше простор за нов човек на премиерското место.

Само три дена по потегот кој му донесе победа, Нетанјаху направи уште еден - повлекувајќи го своето повлекување. Во неговото прво интервју по изборите, тој изјави дека не е за едно-државно решение, и дека зборувал за она што е можно, а не за она што е пожелно: „Сакам одржливо, мирно дво-државно решение, но за да дојде до тоа треба да се сменат условите. Зборував за она што е можно да се постигне и она што не е можно. Мораме да имаме вистински преговори со луѓе посветени на мирот".

Во кои од овие два случаја Нетанјаху бил искрен? Тоа не може да се знае, но она што е јасно е дека и двата става имаат големо влијание врз неговата кариера. Веднаш штом премиерот го даде своето ветување дека ќе спречи формирање на палестинска држава, британскиот заменик премиер Ник Клег се закани дека ако тоа се случи, „светот, вклучително и британскиот парламент, нема да има друга опција освен да ја признае палестинската држава".

Не изненадува тоа што првото пост-изборно интервју на Нетанјаху беше на англиски, за американска публика. Токму во САД тој мораше најмногу да ја контролира штетата - неговата изјава за обновената поддршка на дво-државното решение дојде откако администрацијата на Обама отворено изјави дека би разгледале поддршка на резолуција на Советот на безбедност на ОН за создавање палестинска држава.

"Она што запрепастува е како луѓето не разбираат дека тоа што Нетанјаху го мисли е потполно ирелевантно. Битно е што мнозинството на Израел мисли, а Нетанјаху е исклучитеlно добар во она што му е занает: да победува на избори," смета еден набљудувач на приликите.

Во меѓувреме, левицата во Израел е очајна и резигнирано доаѓа до циничниот заклучок дека на Израел не му се потребни нови политичари туку нов народ.

20 март 2015 - 11:24