Наспроти ваквиот аранжман повеќе медиуми пишуваат дека вдовицата на Кол барала, во име на својот починат сопруг, ниту еден германски политичар да не држи говор на неговиот погреб, и наместо нив на церемонијата да зборува унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Меркел за смртта на Кол дознава за време на посетата на Ватикан. Таа и се јавува на вдовицата Маике Кол-Рихтер за да и изрази сочувство. Во разговорот Кол-Рихтер ја известува канцеларката дека сака да се изврши европски погреб, а не државен, за што таа веќе имала разговарано со Жан-Клод Јункер. Кол-Рихтер имала и подготвен список на луѓе што треба да говорат на погребот, меѓу кои не само што ја нема Меркел, туку го има и унгарскиот премиер.
Барањето е крајно спротивно на досегашната германска пракса според чиј протокол ниту еден поствоен германски канцелар не е погребан без на погребот да зборува актуелниот канцелар.
Пообемен скандал е спречен од "дискретни интервенции на личности блиски до покојниот канцелар и неговата сопруга," меѓу кои е и поранешниот главен уредник на Билд кој ја убедува Кол-Рихтер да го тргне Орбан од списокот.
Самиот Кол никогаш не и простува на Меркел за тоа што го соборува и заменува од позицијата претседател на ЦДУ. Тој со Кол-Рихтер, која му е втора сопруга со која се зема 7 години по самоубиството на првата, последните години комплетно се изолираат од светот и ги прекинуваат сите односи со германските политичари и блиското семејство. (Пред два дена синот на Кол и двата внуци не беа пуштени во семејниот дом за да изразат сочувство и беа испратени од полиција.)
Крајниот договор за церемонијата која ќе се оддржи на 1-ви јули е: Меркел ќе зборува на комеморацијата во Стразбур, исто како и Макрон, Јункер и Бил Клинтон. Ковчегот прво ќе биде покриен со знамето на ЕУ, а по некое време и со германското знаме, по што ја минува реката Рајна на пат до германскиот град Шпајер каде ќе биде и закопан.