Лекот што за мали пари се продава на каса а кој ја чинеше тенисерката Шарапова суспензија од меѓународни натпревари, откажување на милионски вредни спонзорски договори и губење на функцијата амбасадор на добра волја на Обединетите Нации, во Русија и Балтикот стана вистински хит.
Мартовската продажба на мелдониумот (милдронат) ќе биде најмалку двојно поголема од онаа од претходниот месец.
И маркетингот појача:
"Кога го користите нашиот милдронат можете да почувствувате како мускулите ви се затегнуваат, мислењето станува побрзо, вашите движења стануваат вешти а целото тело станува поспособно да се брани од несаканите состојби", пишува од неодамна на сајтот на латвискиот производител на лекот.
Откако Шарапова на 7 март призна дека била позитивна на допинг тестот, уште 9 руски спортисти излегоа со исти резултати. Вкупно 99 спортисти од светот паднаа на тестот за овој лек кој од почетокот на годинава се најде на листата на забранети лекови. Последната студија на самата руска допинг комисија од периодот 2014-2015 покажа дека во 17% од сите мостри (преку 4.000 спортисти) има трагови на мелдониум.
А лекот во Русија и целиот источен блок се користи масовно, одамна и за разни чариња. Им бил даван и на руските војници на служба во Авганистан за да можат да ги издржат дневните напори.
Сега и обичниот човек - уште повеќе - сака така па го купува лекот за цена од околу 200 денари за кутивче. Во Русија се шпекулира дека ударот врз Шарапова е дел од специјалната војна на Запад за подривање на угледот и зголеменото влијание на Русија и на Владимир Путин врз светските текови.
"Гледајќи што сè зборуваат нашите западни партнери, нема да ме изненади ако некој ден некој објави дека целата руска авијација и целата руска армија е на допинг, заедно со руската дипломатија", изјави по скандалот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.