Лежи лебу да те учам

Фондацијата на Мелинда и Бил Гејтс им понудила 40 милиони на сиромашките школи во Питсбург доколку изградат систем по кој наставниците ќе бидат одговорни за успехот на учениците. Наставничката федерација одговорила отприлика: Не, фала, вака ни е подобро.

Единствениот услов на Фондацијата Гејтс за да вбризга 40 милиони во јавниот школски систем во Питсбург бил наставниците и школските одбори да договорат метод по кој ќе се евалуира успехот во класовите и тој да биде поврзан со ангажманот на наставникот. Тие навистина договориле метрика но подоцна Американската федерација на наставници го оспорила договореното велејќи дека системот е премногу строг за наставниците.

Иако ќе изгубат конкретни пари за системот на јавно образование кој хронично кубури со средства, Федерацијата решила да го брани постоечкиот старомоден систем по кој платите главно зависат од стажот а не од способноста на наставниците да ги научат децата.

Оваа федерација која по начинот на делување е слична на старовремските фабрички синдикати е позната по тоа што воведе тн "гумени соби" во кои наставници обвинети за злоупотреба на професијата седат и не работат ништо додека правници на Федарацијата со години ги влечкаат нивните предмети по судови.

Фрапантно низок е процентот на оние наставници од јавниот сектор кои добиле отказ. Изнесува 0,1 процент а во приватното школство бројот на откази е 30 пати поголем.

 

22 јануари 2014 - 13:11