250 години САД:

Ќе се сети ли некој на Индијанците?

Којa е Америка? Кој ја создаде? Кому Американците му го должат славењето на 250-тиот роденден и дали европските белци со напудрени перики сами го измислија американскиот концепт и беа единствените заслужни за победата над британските сили? За најголемите губитници во колонизирањето на континентот, домородните племиња, и денес не се кажува сè.

„Како што Соединетите Американски Држави се приближуваат кон својата 250-годишнина, овој момент бара повеќе од комеморација“, пишува претседателката на Мохиканската нација Стокбриџ-Манси, Шенон Холси. „Тој повикува на размислување - не само за основањето на оваа земја, туку и за тоа кој ја обликуваше, кој веруваше во неа и кој ја плати цената за да ја создаде.“

Мохиканците застанаа на страната на Американците за време на Револуцијата и одиграа витални улоги во клучните битки. Племето Онеида, исто така, помогна во победата на Револуцијата, служејќи како извидници, гласници и добавувачи.

Сепак, приказната за раѓањето на Америка се раскажува без целосно да се признае улогата на племенските нации.

„Домородната историја не е периферна во однос на основањето на Соединетите Американски Држави - таа е централна за неа,“ пишува Холси.

И Мохиканците и Онеидите биле славени после војната и им било ветувано дека ќе можат да ги задржат своите земјишта, за подоцна да бидат изневерени, предадени и протерани од своите домови. На крајот се населиле во Висконсин, во резервати кои не се далеку еден од друг.

Основачите на САД немаа многу корисни модели за новата американска власт, со оглед на монархиите во Европа. Тие најдоа решенија во племенските системи на владеење, особено во „Големиот закон за мир“ на Ирокезите.

Тој закон се воспоставувал помеѓу 12-ти и 15-ти век и се работи за една од првите и најдолготрајни партиципативни демократии во светот. Вклучува „checks and balances“ меѓу одделните гранки на власта и обезбедува слобода на говор и религија. Стотици години подоцна, овие концепти ќе бидат адаптирани во Уставот на САД.

Не е се за занемарување ни домородните придонеси во американската мода, танц, песна и храна а основни прехрамбени производи, како што се пченката, гравот, тиквата и доматите, биле одгледувани со векови од домородните народи.

 

 

3 јули 2026 - 10:59