Како српскиот гувернер на Илиноис го засака рокот

Се вика Род Благојевиќ, по потекло е од Србија и е поранешен гувернер на Илиноис. Сега има баталено политика и ја свири Jailhouse Rock, од она место од кое таа песна звучи најуверливо. Судот му дозволи да вежба 14 години.

На толку години во 2012-та Благојевиќ беше осуден поради политичка корупција, главно затоа што проба да го продаде сенаторското место испразнето од Барак Обама кога тој стана претседател. 

Сега е зад решетки во едно предградие на Денвер, Колорадо, каде што има бенд  "Jailhouse Rockers" (офкорс), свират Елвис и Криденси, Род им е пејач а поднаучил и гитара да свири.

А можеби е тоа само дел од она за што политичарите како него навистина ги бива - да прават кампањи, бидејќи свирењето во групата е едно од многуте активности кои се наведени во неговото 22 страници долго барање за намалување на казната. Не само што свирел туку им држел и историски предавања на неговите цимери, ги подучувал како се поминува интервју за работа, како се станува добар татко, тие него од почит го викале Гувернеру и слично.

Во досието за помилување има собрано околу 100 сведоштва за тоа како тој им го прави животот на затворениците поубав, надевајќи се дека следниот месец судот ќе го уважи барањето казната да му биде намалена на 5 години. Од друга страна, обвинителите не се убедени во приказната па остануваат на барањето тој до ден да ја одлежи заслужената казна.

Од татко Радислав од село покрај Крагуевац и мајка Мила Говедарица од босанска Гоцка, демократот Род (Милорад) Благојевиќ е еден гротескно живописен лик: се занимавал со бокс па потоа станал адвокат и обвинител за да добутка дури до гувернер.

  • Често мета на подсмев заради неговата демоде фризура, велеше дека неговата екипа секогаш му носи чешел исто како што на претседателот на САД му се носат кодовите од нуклеарните ракети.
  • На луѓе им има наплаќано за автограм 50 а за фотографирање со него 80 долари.
  • За време на едно гостување во Дејли Шоу Благоевиќ очигледно не знаејќи дека гостува во забавна емисија, се има свртено кон камера прашувајќи ја дали водителот уствари го заебава.
  •  Освен од лакомоста за пари, си страдаше и од својата уста која не секогаш знаеше прецизно да формулира што сака да каже. На пример кога се обидуваше да се претстави дека е поблизок до обичните работници отколку претседателот Обама, Род го испука легендарното "Јас сум поцрн од Обама" оставајќи ги новинарите со прашалници над глава.

Добра филмска приказна се прави од неговата. Само уште да беше жив Бора Тодоровиќ па да го пренесеше на платно како што треба. 

 

   

30 јули 2016 - 23:35