Во Франција и Белгија, ИКЕА има програма која им дозволува на муштериите да го вратат стариот мебел од ИКЕА во која било продавница на компанијата. Донесениот мебел се реставрира и се продава како таков, а донаторот за тоа добива кредит кој може да го потроши во ИКЕА.
Во Британија компанијата има "обратен кафемат" за потрошени сијалици. Депонираш прегорена сијалица и за нејзе добиваш ваучер за кафе. Во Москва дури и без награди им успева една ваква програма за собирање стари батерии, во која за неколку месеци собираат 6 тони батерии. На околу 20 пазари низ светот, ИКЕА бесплатно собира стари душеци и ги носи на рециклирање.
На домашен терен, во Шведска, ИКЕА има пилот програма за рециклирање на кој било пластичен мебел, дури и да не е купен во ИКЕА. Директорот за одржливост, Стив Хауард, објаснува дека луѓето што учествувале во оваа програма носеле само скршен пластичен мебел, а не и работите кои им пречеле дома "што значи дека луѓето само го чувале дома скршениот пластичен мебел бидејќи не знаеле како да го фрлат."
Годинава ИКЕА ги анализира резултатите од проектот "Синџир на ресурси", во кој стариот мебел донесен во продавниците се рециклираше за делови за нови и поевтини производи. Како што објаснува Хауард "ќе земеме стара полица за книги, стар мебел, или стара врата и од нив правиме нови производи. На пример имаш нова кујна што некогаш била полица за книги, без воопшто да ја забележиш разликата. Не е некоја револуција, ама ова бара темелна промена на синџирот за набавка за да успее."
Сето ова е дел од планот на ИКЕА за продолжување на животниот век на нивниот мебел и ресурсите што се искористени за негово производство. Следно нешто што тие сакаат да постигнат е кај купувачите да создадат навика на поправање на скршениот мебел, наместо да го фрлаат.
Целиот овој план се базира околу користење на 3Д печатење. Опциите се или во продавниците да биде поставен 3Д печатач на кој можеш да дојдеш и да на го најдеш делот кој фали, или компанијата на интернет да ги објави скиците и плановите за 3Д печатење на целиот продукт, па да можеш сам да испечатиш тоа што ти треба.