Снегот во Саудиска Арабија е ретка појава но го има, особено во високите предели на провинцијата Табук и особено оваа, врнежлива зима.
Многумина инстинктивно излегле на снегот, добар дел од нив родители кои правеле Снешко за своите деца. Сè дододека не стигна официјалното објаснување дека е тоа строго забрането.
"Бог ни дал простор да правиме сè што сакаме, на пример дрвја, бродови, овошја, згради.... Но, забрането е да се креираат слики на било што што личи на човек, животно, на нешто што има душа", напишал на својот сајт угледниот клерик Шеик Мохамед Салех ал Мунаџид.
Дебатата околу неговата фатва стигнала и во официјалните медиуми по што ал Мунаџид специфицирал дека може да се прават објекти од снег, но да не поседуваат човечки или животински елементи. Поконкретно, модел на Снешко без глава и останата препознатлива човеколика опрема, според него, е сосема во ред.
Тамошен блогер напишал дека некогаш снегот им трае само неколку часа и дека е жално што не можат да си играат а приврзаниците на шеикот се согласуваат дека Снешкото е имитирање на неверниците и води кон грешно сладострастие.
Освен Снешко, на Саудијците од Табук најголем мерак им е да прават снежни камили.