Асоцијацијата на ринг доктори, група во која членуваат над 100 доктори што работат на боречки мечеви, тврди дека тоа што Мекгрегор својата прва професионална боксерска борба ќе ја има против непоразениот Мејведер е нефер спаринг кој може да биде небезбеден.
"Изненадени сме што оваа борба воопшто беше потврдена и доби дозвола да се одржи.
Она од што стварно се плашам, вистински се плашам е дека некој ќе заврши сериозно повреден во претстојната борба," изјавил претседателот на Асоцијацијата, Лари Ловлејс за Њујорк тајмс.
Во јуни, само два дена откако беше нокаутиран во неговиот четврти професионален боксерски натпревар, почина поранешниот ММА борач Тим Хаг.
Според противниците на борбата многу е нормално што истата била дозволена, кога комисијата што треба да одлучува околу дозволата вади директен профит од истата. Сојузната држава Невада добива 8% од сумата од секоја продадена влезница, а од овие пари 25% одат за Спортската комисија на Невада (борбата ќе биде во Лас Вегас). Во конкретни бројки: до сега од влезници се собрани повеќе од 60 милиони долари, што значи дека Невада ќе земе 4,8 милиони, од кои кај Комисијата ќе завршат најмалку 1,2 милиони долари.
За првиот човек на Комисијата, нема ништо спорно во тоа Мекгрегор да се бори со Мејведер. Тој објаснува дека Ирецот е во топ форма, повисок е, има подолги раце и е посилен и помоќен противник, плус е 12 години помлад од својот противник.
За тие што ги интересира која страна од сторијава на крај ќе испадне во право, борбата е утре вечер, сабота спрема недела, по наше време во 4:30 и локално ќе биде достапна на Спорт клуб 1.