"Гледај, едноставно не можеш цело време да одиш по куќи кај богати луѓе и да собираш пари, а во исто време да очекуваш дека ќе победиш на избори.
Мора малку да излезеш меѓу народ и да бидеш со обични луѓе," изјавил Сандерс во интервју за НПР.
Позицијата на Сандерс е дополнување на постојните критики дека Клинтон посветувала премногу време на собирање пари на добротворни настани, а не доволно време на кампања на терен во традиционално демократски сојузни држави како Мичиген и Висконсин. За време на изборите Клинтон ниту еднаш не го посети Висконсин откако стана кандидат на Демократите, а Мичиген го посети премногу доцна. Трамп ги доби и двете сојузни држави со многу мала разлика, 20.000 плус во Висконсин и 10.000 плус во Мичиген.
"Демократската партија ја проголта мамката. Тие станаа зависни од големите пари.
Јас верувам дека Демократската партија не врши добра работа во смислам на комуницирање со луѓето во градовите, гратчињата и рурална Америка, низ целата земја," порачал Сандерс.
И покрај целата поддршка што ја даде на Хилари за време на изборите, и Сандерс беше посочен како еден од виновниците за нејзиниот пораз, претежно затоа што голем број од неговите млади симпатизери одлучиле на изборите својот глас да го дадат на кандидат од трета партија.
Во однос на Трамп, позицијата на Сандерс е дека новиот американски претседател успеал да ги освои работниците, како оние во Висконсин и Мичиген, кои најтешко се погодени од економската рецесија и уште немаат закрепнато.
"Една од причините зошто Трамп победи е тоа што имаме милиони луѓе кои комплетно се откажале од политичкиот процес, кои не веруваат дека Конгресот ја слуша нивната болка. Она што Демократската партија треба да го направи е да почне да слуша," изјавил Сандерс.
Што се однесува на прашањето дали мисли дека тој би можел да го победи Трамп, Сандерс одговара "мислам дека не помага ако ја повторуваме историјата. Одговорот е не знам. Никој не знае. Не вреди да се шпекулира околу тоа. Таму сме каде што сме."