Проблемот на Мајкл О'Лири е што според сегашните закони патниците мораат да бидат седнати и врзани при полетување и слетување на авионот.
Неговиот план е воведување на летови низ Европа по цена од 1 фунта, меѓутоа за ова да го оствари бара да му се дозволи воведување на стоечки места за патниците. Ова би му заштедило простор на авионот, гориво (заради намалената тежина) и би дозволило поголем број на патници.
За почеток тој планира отстранување на последните 10 редови на седишта и нивно заменување со места за стоење, за патниците кои не се премногу пребирливи за начинот на кој патуваат.
"Ако му кажеш на патник дека е 25 фунти за седење или 1 фунта за стоење, гарантирам дека тој ќе избере стоење. Треба да можеш да избираш врз основа на безбедноста. Не зборувам за летови во области низ Европа со голема турбуленција," објаснува O'Лири.
Тој инсистира дека летањето повеќе не треба да се смета за луксузно искуство, туку едноставно како начин за стигање до одредена дестинација.
"Проблемот со летањето е што 50 години тоа е окупирано од луѓе кои мислат дека тоа е некакво волшебно сексуално искуство, дека сите летаме како Џејмс Бонд и дека сите сме во прва класа, кога во основа тоа е само автобус со крилја. Најголемиот дел од луѓето само сакаат да стигнат од точка А до точка Б, и едноставно не сакаш да платиш 500 фунти за лет. Сакаш парите да ги потрошиш на убав хотел, апартман или ресторан," е образложувањето на О'Лири за потребната промена.