130.000 луѓе бараат Меланија да го напушти Њујорк

150.000 долари на ден е проценетиот (заокружен) трошок на градските власти за обезбедување на сопругата и најмалиот син на американскиот претседател додека се во Њујорк. А таму ќе бидат се додека малиот не заврши со школо.

По основа на трошокот, над 130.000 њујорчани потпишаа петиција во која бараат или њујоршката филијала на семејството на Доналд Трамп да си замине од градот (а сместени се во самото срце на Менхетен) или да ја платат сметката за обезбедувањето.

"Американските даночни обврзници плаќаат прекумерни суми пари за заштита на Првата дама во Трамп кулата, лоцирана во Њујорк. Овој трошок не даде никакви позитивни резултати за нацијата и повеќе не треба да биде финансиран," пишува во петицијата на Change.org.

Сумата од 150 илјади долари дневно е заокружено од проценките на првиот човек на њујоршката полиција, Џејмс О'Нил, кој проценува дека ова е меѓу 127 и 146 илјади долари дневно. На годишно ниво ова изнесува меѓу 50 и 60 милиони долари, во зависност дали Трамп за викенд ќе се прибере во Њујорк или не. Портпаролот на градоначалникот на Њујорк, објави дека вкупниот трошок за заштита на Меланија и Барон Трамп од денот на изборите до денот на инаугурација изнесува 37 милиони долари.

Мнозинскиот став меѓу оние што ја потпишаа петицијата е дека безбедносните трошоци се расфрлање со парите на даночните обврзници, и истите можат да бидат пренаменети за социјални услуги.

Од парите до сега потрошени на обезбедување, федералните власти на Њујорк му надоместија околу 7 милиони долари.

30 март 2017 - 15:27