
Ретко се согласувам со претседателот Трамп, но неговите последни контроверзни изјави за Украина се претежно вистинити. Тие изгледаат бесмислено само затоа што западната публика повеќе од една деценија се храни со дезинформации за Украина. Време е да се расчистат три клучни точки зошто Украинците и поранешниот претседател Џо Бајден - не само рускиот претседател Владимир Путин - се одговорни за избувнувањето и за продолжувањето на војната во Украина.
Прво, како што неодамна беше документирано со форензички докази, потврдени дури и од суд во Киев, украинските десничарски милитанти го почнаа насилството во 2014 година што ја испровоцира почетната инвазија на Русија на југоистокот и на Крим. Украина тогаш имаше проруски претседател, Виктор Јанукович, кој победи на слободни и фер избори во 2010 година со силна поддршка од етничките Руси во југоисточниот дел на земјата. Во 2013 година тој одлучи да продолжи со економската соработка со Русија, а не со Европа, како што претходно беше планирано.
Прозападните активисти одговорија главно со мирна окупација на плоштадот Мајдан, сè додека претседателот не понуди отстапки, па тие се повлекоа.
Tокму тогаш десничарски милитанти почнаа да пукаат во украинската полиција и демонстрантите. Полицијата возврати со оган врз милитантите, кои потоа лажно тврдеа дека полицијата убива невооружени демонстранти. Разгневени од овој наводен владин масакр, Украинците го соборијаа претседателот, кој побегна во Русија.
Путин одговори со распоредување војници на Крим и оружје во Донбас по барање од етничките Руси, кои сметаа дека нивниот претседател е недемократски соборен. Иако ова не ја оправдува руската инвазија, објаснува дека таа не била без провокација.
Второ, украинскиот претседател Володимир Зеленски придонесе за поширока војна со прекршување на мировните договори со Русија познати како Минск 1 и 2 преку барањето воена помош и членство во НАТО. Украина требаше да му гарантира на Донбас ограничена политичка автономија. Путин веруваше дека тоа ќе биде доволно за да се спречи Украина да се приклучи во НАТО или да му послужи како воена база. За жал, Украина седум години одбиваше да ја исполни таа обврска.
Зеленски наместо тоа го зголеми увозот на оружје од земјите на НАТО, што беше последната капка за Путин. Така, на 21 февруари 2022 година, Русија ја призна независноста на Донбас, таму распореди трупи и побара Зеленски да се откаже од барањата за воена помош и членство во НАТО. Кога Зеленски повторно одби, Путин масовно ја прошири својата воена офанзива на 24 февруари. Намерно или не, Зеленски предизвика руска агресија, иако тоа очигледно не ги оправдува следните воени злосторства на Москва.
Трето, и Џо Бајден клучно придонесе за ескалација и продолжување на борбите. Кон крајот на 2021 година, кога Путин ги мобилизира силите на границата со Украина и побара спроведување на договорите од Минск, беше очигледно дека ако Зеленски не попушти, Русија ќе изврши инвазија за да формира копнен мост меѓу Донбас и Крим.
Имајќи предвид дека Украина беше егзистенцијално зависна од воената помош на САД, претседателот Бајден можеше да го притисне Зеленски да го исполни барањето на Путин. Наместо тоа, Бајден жално му ја препушти одлуката на Зеленски и вети дека доколку Русија изврши инвазија, САД ќе одговорат „брзо и решително“, што Зеленски го прочита како сигнал да му се спротивстави на Путин.
Да беше Трамп претседател, тој веројатно немаше да даде таков бланко чек, па Зеленски ќе мораше да ги спроведе договорите од Минск за да избегне војна.
Украина беше трагично охрабрена да ја продолжи војната во очекување на американска воена помош, која Бајден потоа одби да ја достави поради страв од нуклеарна ескалација. На тој начин, Бајден поттикна лажни надежи во Украина и непотребно ја заглави во војната во која загинаа или беа ранети стотици илјади луѓе.
Основните контури на договорот за прекин на борбите се очигледни. Русија ќе продолжи да го окупира Крим и други делови од југоистокот, остатокот од Украина нема да влезе во НАТО, но ќе добие безбедносни гаранции од некои западни земји. Тажното е што таков план можеше да се постигне пред најмалку две години ако само претседателот Бајден ја условеше воената помош за Зеленски со преговори за прекин на огнот.
Професорот Алан Куперман за The Hill