Во името на Чет, ГПТ и светиот Грок

Ерих Фром пишуваше дека подемот на фашизмот може делумно да се објасни со тоа што луѓето претпочитаат да се откажат од својата слобода во замена за смирувачкиот комфор на потчинетоста. Вештачката интелигенција нуди нов начин за откажување од тој товар да мора да размислувате и да одлучувате сами. Тешко стекнатата самодоверба дека разумот може да го води човека во животот се напушта со аутсорсирање на мозокот.

Германскиот филозоф Имануел Кант го дефинираше просветителството како „излегување на човекот од неговата самонаметната незрелост“. Незрелоста, напиша тој, „е неможноста да се разбере без водство од друг“. Со векови, тој „друг“ бил свештеникот, монархот или феудалниот господар - оние што тврделе дека дејствуваат како Божји глас на Земјата. Во обид да ги разберат природните феномени - зошто еруптираат вулканите, зошто се менуваат годишните времиња - луѓето се обраќале кон Бога за одговори. Во обликувањето на општествениот свет, од економијата до љубовта, религијата служела како водич.

Кант тврдел дека луѓето отсекогаш имале капацитет за разум, но не секогаш и самодоверба да го користат. Со Француската револуција, почнува нова ера: разумот ќе ја замени верата, а човечкиот ум, ослободен од авторитетот, ќе стане двигател на напредокот.

Два и пол века подоцна, дали тивко се лизгаме назад во незрелост?, се прашува Јозеф де Век во Гардијан. “Вештачката интелигенција се заканува да стане наш нов „друг“ - тивок авторитет што ги води нашите мисли и постапки. Во опасност сме да ја отстапиме тешко стекнатата храброст да размислуваме сами - овој пат, не на богови или кралеви, туку на кодови“.

ЧетГПТ беше лансиран само пред три години, а едно глобално истражување од април, покажа дека 82% од испитаниците користеле вештачка интелигенција во претходните шест месеци. Без разлика дали одлучуваат да прекинат врска или за кого да гласаат, луѓето за совет се обраќаат кон ВИ.

Според ОпенАИ, 73% од барањата на корисниците се однесуваат на теми што не се поврзани со работата. Уште поинтригантно е што на ВИ ѝ дозволуваме да зборува во наше име. Пишувањето е меѓу најчестите употреби на ЧетГПТ, веднаш по практичните барања како што се „направи сам“ или совети за готвење.

„Јас пишувам за да дознаам што мислам“, свеовремено напиша американската авторка Џоан Дидион. 

Што ќе се случи кога ќе престанеме да пишуваме? Ќе престанеме да мислиме?

Не дека одговорот не е  - да. 

Студија на МИТ користела електроенцефалографија за следење на мозочната активност на пишувачи на есеи на кои им е а) даден пристап до вештачка интелигенција, б) пребарувачи како Гугл или в) ништо. Оние кои можеле да се потпрат на вештачката интелигенција покажале најниска когнитивна активност. Во текот на неколку месеци, учесниците со пристап до ВИ станувале сè повеќе мрзливи, копирајќи цели блокови текст во своите есеи.

Ете го моделот кој го опиша уште Кант:

 „Мрзеливоста и кукавичлукот се причините зошто толку голем дел од мажите остануваат во доживотна незрелост. Толку е лесно да се биде незрел.“

Привлечноста на вештачката интелигенција лежи во нејзината практичност. Таа заштедува време и труд но постои уште еден клучен елемент: ослободува од одговорност.

Во „Бегство од слободата“, германскиот психоаналитичар Ерих Фром тврди дека подемот на фашизмот може делумно да се објасни со тоа што луѓето претпочитаат да се откажат од својата слобода во замена за смирувачкиот комфор на потчинетоста. Вештачката интелигенција нуди нов начин за откажување од тој товар да мора да размислувате и да одлучувате сами.

„Кога ги следиме советите на вештачката интелигенција, не сме водени од разумот. Се враќаме во царството на верата. In dubio pro machina: кога се сомневате, верувајте ѝ на машината - тоа може да стане наш иден водечки принцип“, пишува авторот.

2 јануари 2026 - 10:21