Руската опозиција во изминативе година и пол редовно ги критикуваше постапките на Вагнер и неговиот лидер. Сепак молскавичните настани од минатиот викенд предизвикаа промена во гледиштата на опозициските политичари и политички аналитичари кои претходно го предвидуваа капацитетот на Пригожин да направи потреси во земјата преку насилство.
Голем број опозициски политичари и политиколози предвидоа дека Пригожин е елемент од путиновата Русија кој ќе предизвика голем структурни промени, најверојатно преку користење на вооружено насилство. Но како што ова сценарио стана вистинска можност, откако силите на Вагнер ја презедоа контролата над командниот центар на југот и тргнаа кон Москва, голем број либерално наклонети руски политички фигури станаа претпазливи во коментирањето на настаните што се случуваат.
Еден од најпрепознатливите членови на руската опозиција зборуваше поконкретно, и веројатно не на начин на кој тоа беше очекувано од него. Михаил Ходорковски, пребеганиот критичар на Кремљ, објави твит во кој само што не даде отворена поддршка за „маршот на правдата“ на Пригожин.
„Без разлика како ќе ви звучи, мислам дека Русите кои се против војната треба во моментов да го поддржат Пригожин. Тој не ни е сојузник, и оваа поддршка треба да биде привремена и условна, но неговиот марш е голем удар за легитимноста на Путин, и сè што помага да се скрши режимот е добро,“ твитна Ходорковски.
Тој ја оправда својата позиција тврдејќи дека Пригожин ги изјавил истите идеи што руското антивоено движење ги вергла од 24 февруари 2022. На површината, ова изгледа како логичен заклучок на Ходорковски, но сепак неговата изјава има бројни грешки.
Прво од сите неконзистентности е позицијата што Ходорковски ја има кон Пригожин во изминатите година и пол, кои осцилираат од презир до одвратност. Секако, луѓе можат да ги променат своите ставови кога е докажано дека нивните првични верувања биле погрешни. Но Пригожин буквално ништо не направи за да ги побие првичните стравувања на Ходорковски за него. Плус, лидерот на Вагнер е познат во минатото за искористување на ставови блиски до руската опозиција за стекнување лична корист. Пред да го најави „маршот“ неговото користење на опозициски поенти главно сè сметаше за тролање.
Што се промени? Дали фактот дека Пригожин крена буна покажува дека тој повеќе не е туѓинец за анти-Путин опозицијата? Треба да се запамети дека Пригожин до сега нема кажано ни збор директна критика за рускиот претседател.
Второ, јасно е дека Ходорковски се истрча. Неговиот твит веројатно беше доста под влијание на емотивната реакција на авторот на актуелните настани. Но нема причина зошто постот на Ходорковски не можеше да почека ситуацијата малку да се расчисти. Главниот проблем лежи во фактот што Ходорковски се обидува себе си да се порамни со револуционерно движење, позиционирајќи се себе си за улога во оформувањето на идните руски процеси за носење одлуки. Без разлика дали Пригожин ќе успееше да ја освои власта или ќе се појавеше демократска влада, Ходорковски сака себе си да се претстави како некој што го има поддржано „првичниот бунт“.
Освен ако нема нешто што не знаеме (а тешко да има), Пригожин нема никакви обврски кон Ходорковски, заради што е малку веројатно дека поддршката од Ходорковски би била наградена доколку „маршот“ успееше. Ходорковски е исклучително паметен и веројатно можеше да предвиди дека подвигот на Пригожин е осуден на пропаст. Сепак неговата волност да поддржи воен револт во Русија беше со цел да се стекне некаква дополнителна популарност меѓу анти-путинистите кои сакаат да постигнат промена на режимот преку вооружен бунт.
Третото не е толку грешка во изјавата на Ходорковски колку што е предвидување на иднината на неговата платформа. Секоја револуција во изминатите 200 години имала многу слична структура: револуционерно настроено, политизирано малцинство ја добива поддршката од актуелни функционери на режимот кои за возврат добиваат минимална или никаква одговорност за нивните дотогашни постапки. Клучниот аспект тука е правецот на овој сојуз. Функционерите на сегашниот режим треба да ги спојат своите сили со револуционерите, а не обратно. Овој шаблон издржа заради постепеното стекнување следбеници на револуционерното малцинство, што го поткопува постојниот режим. На крај елитите на режимот сфаќаат дека нивниот спас зависи од тоа да се поддржи бунтот.
Поддршката од Ходорковски за Пригожин го прекршува овој шаблон. Пригожин е човекот што се залага за мерки против актуелниот поредок додека се уште е дел од истиот тој поредок. Ова наведува дека Ходорковски, и покрај тоа што бара замена на Путин, признава дека револуционерното движење кое тој го претставува повеќе не е ефикасно во дестабилизирање на ситуацијата во Русија до точка во која елитите ќе се приклучат во опозицијата. Наместо тоа Ходорковски смета дека опозицијата треба да се построи со елитите.
Последно, позицијата на Ходорковски предизвикува загриженост околу поддршката за човек кој е познат по својата суровост и немање морален интегритет. Пригожин ја дозволи егзекуцијата со токмак на дезертер кој своеволно се предаде на украинската војска. Ходорковски ја израмнува својата позиција со утилитарната перспектива според која оценката на моралноста на постапките зависи од контекстот. Ова покажува дека создавајќи околности во кои речиси сè може да биде обележано како морално исправно, човек може секогаш да ги оправда своите постапки. Иако Ходорковски не го ослободува Пригожин од неговите грешки, тој имплицира дека неговите следбеници треба да го прифатат ова утилитарно гледиште, барем за сега. Има само една работа која треба да биде кажана во ваквите случаи: нема иднина за оние кои свесно соработуваат со убијци., Идните лидери на Русија мора да бидат поединци кои чувствуваат емоционална и ментална тешкотија кога се соочени со одлука која би можела да доведе и до една смрт, дури и ако веруваат дека тоа е за поголемо добро.
Поддршката што Ходорковски ја даде за „маршот на правдата“ на Пригожин покрева значителна загрижености и бара осуда. Додека реакцијата на руската опозиција на викендов е разнолика, ставот на Ходорковски личи како да е воден од личен опортунизам, додека се обидува да обезбеди некакво влијание во револуционерното движење кое треба да ја оформи иднината на Русија. Дополнително, неговата поддршка на Пригожин е спротивна на историските шаблони за промена на режимот и создава етички дилеми.
Како што ситуацијата продолжува да еволуира, важно е критички да се анализираат мотивациите и импликациите на таквата алијанса, посебно што сега изгледа дека револуцијата е одложена.
По повлекувањето на Пригожин, ставот на Ходорковски стана поконкретен. Тој сега предвидува дека единствениот бунт кој може да го собори режимот на Путин е оној што ќе искористи сила, а сепак предлага дека на луѓето што ќе го имаат оружјето во своите раце некако не треба да им биде дадена власт. Останува да се види како некој тоа може да го постигне.