Ако на Џулијан Асанж неделава му биде одбиена дозволата да поднесе жалба на неговата екстрадиција во САД од комисија од двајца судии во Високиот суд во Лондон, веќе ќе нема чаре за него во британскиот правен систем.
Неговите адвокати можат да побараат од Европскиот суд за човекови права одложување на извршувањето според правилото 39, кое е дадено за „исклучителни околности“ и „само кога постои непосредна опасност од непоправлива штета“. Но, ни малку не е сигурно дека британскиот суд ќе се согласи. Може да нареди итна екстрадиција на Џулијан пред да дојде на ред Правилото 39 или може да одлучи да го игнорира барањето од Европскиот суд.
Речиси 15-годишното прогонство на Џулијан, кое нанесе голема штета на неговото физичко и психолошко здравје, е направено во име на екстрадиција во САД каде што ќе му се суди за наводно кршење на 17 точки од Законот за шпионажа од 1917(!) година, со потенцијална казна од 170 години.
„Злосторството“ на Џулијан е што објави доверливи документи, внатрешни пораки, извештаи и видеа од американската влада и војската на САД во 2010 година, обезбедени од армискиот свиркач Челзи Менинг. Овој огромен материјал откри масакри на цивили, тортура, атентати, списоци на затвореници во Гвантанамо и услови на кои биле подложени, правилата за ангажман во Ирак....
Оние кои ги извршија овие злосторства - вклучително и американските пилоти на хеликоптери кои застрелаа двајца новинари на Ројтерс и 10 други цивили и тешко повредија две деца, сите фатени во видео, никогаш не беа кривично гонети.
Џулијан го откри она што американската империја сака да го избрише од историјата.
Прогонството на Џулијан е застрашувачка порака за нас останатите. Пркосете ѝ на американската империја, разоткријте ги нејзините злосторства и без разлика кој сте, од која земја доаѓате, каде живеете, ќе бидете ловени и одведени во САД за да го поминете остатокот од животот во еден од најстрогите затворски системи на планетава.
Ако Џулијан биде прогласен за виновен, тоа ќе значи смрт на истражувачкото новинарство на тема како одвнатре функционира државната моќ. Да се поседува, а не па и да се објавува доверлив материјал - како што јас правев кога бев известувач за Њујорк Тајмс - ќе биде криминализирано. И тоа е поентата, што ја разбираат Њујорк Тајмс, Дер Шпигел, Ле Монд, Ел Паис и Гардијан, кои објавија заедничко писмо во кое ги повикаа САД да се откажат од обвиненијата против него. Австралискиот премиер Ентони Албанес и пратениците гласаа за САД и Велика Британија да го прекинат прогонот бидејќи тој само „ја вршел својата работа како новинар“ за да открие „докази за злоупотреба на моќта од страна на САД“.
Правниот случај против Џулијан, кој го покривав од самиот почеток бизарно потсетува на „Алиса во земјата на чудата“, каде што судиите и адвокатите зборуваат со свечени тонови за правото и правдата додека се потсмеваат на најосновните начела на граѓанските слободи. Како може да продолжат сослушувањата кога шпанската безбедносна фирма во еквадорската амбасада, UC Global, каде Џулијан беше засолнет седум години, на ЦИА ѝ обезбеди видео надзор на состаноците меѓу Џулијан и неговите адвокати, со што ја урниса доверливоста адвокат-клиент? Само заради ова, случајот не требаше да заврши на суд. Како може еквадорската влада предводена од Ленин Морено да го прекрши меѓународното право со тоа што го укина статусот на азилант на Џулијан и ѝ дозволи на лондонската метрополитенска полиција да влезе во еквадорската амбасада - суверена територија на Еквадор - и да го однесе Џулијан со полициско комбе? Зошто судовите го прифатија тврдењето на обвинителството дека Џулијан не е легитимен новинар? Зошто САД и Велика Британија го игнорираа членот 4 од нивниот Договор за екстрадиција кој забранува екстрадиција за политички дела? Како е дозволено да продолжи случајот против Џулијан откако клучниот сведок на САД, Сигурдур Тордарсон - осуден измамник и педофил - призна дека ги фабрикувал обвиненијата против Џулијан? Како може Џулијан, австралиски државјанин, да биде обвинет според Законот за шпионажа на САД кога не се занимавал со шпионажа и не бил во САД кога ги добил протечените документи? Зошто британските судови би дозволиле Џулијан да биде екстрадиран во САД кога ЦИА - покрај тоа што го стави Џулијан под 24-часовен видео и дигитален надзор додека беше во еквадорската амбасада - размислуваше за киднапирање и атентат, планови кои вклучуваа потенцијална престрелка на улиците на Лондон со вмешаност на градската полиција? Зошто американската влада не го обвини и Њујорк Тајмс или Гардијан за шпионажа за објавување на истиот протечен материјал во партнерство со Викиликс? Зошто Џулијан се држи во изолација во затвор со високо обезбедување без судење скоро пет години, кога неговото единствено техничко прекршување на законот е прекршување на условите за кауција кога побарал азил во еквадорската амбасада? Вообичаено, тоа би повлекувало парична казна. Зошто му беше одбиена кауцијата откако беше испратен во затворот Белмарш во ХМ?
Ако Џулијан биде екстрадиран, неговиот судски линч допрва ќе стане бетер. Неговата одбрана ќе биде попречена од антитерористичките закони на САД, и натаму ќе биде блокиран за комуникација со јавноста или ослободен со кауција, ќе му се суди во Окружниот суд Вирџинија каде што повеќето случаи за шпионажа ги добила американската влада а во порота ќе бидат многумина кои работат или имаат пријатели и роднини што работат за ЦИА и други агенции за национална безбедност, со седишта недалеку од судот.
Британските судови, од самиот почеток го направија предметот неверојатно тежок за следење, строго ги ограничија местата во судницата, обезбедуваа видео врски кои беа неисправни, а во случајот на сослушувањето оваа недела, забранија пристап секому надвор од Англија и Велс.
Џулијан беше спасен од екстрадиција во јануари 2021 година, кога окружната судијка Ванеса Барајсер од судот на Вестминстер одби да го одобри барањето за екстрадиција само поради „значителен ризик“ Џулијан да изврши самоубиство поради условите што ќе ги претрпи во американски затвор. Но, истовремено, таа ги отфрли аргументите дека неговиот случај е политички мотивиран, дека нема да добие фер судење во САД и дека неговиот прогон е атак на слободата на медиумите.
Нејзината одлука беше поништена откако американската влада поднесе жалба до Високиот суд во Лондон кој пак ги прифати гаранциите на САД дека Џулијан ќе биде третиран фер. Цинична судска пантомима што го карактеризира целиот прогон на Џулијан.
Нему би му требале 10 до 15 години за да обжали казна до Врховниот суд на САД, и повеќе од доволно за да биде уништен психички и физички.
Ако Високиот суд му даде дозвола на Џулијан да се жали, ќе биде закажано дополнително рочиште за тој да ги аргументира своите основи за жалба. Ако Високиот суд одбие да му даде дозвола на Џулијан за жалба, единствената опција е да се жали до Европскиот суд за човекови права. Доколку не може да го поднесе својот случај до тој суд, ќе биде екстрадиран во САД.
За одлука да се бара екстрадиција на Џулијан размислуваше администрацијата на Барак Обама, а ја спроведе администрацијата на Доналд Трамп по објавувањето на документите познати како Vault 7 од страна на Викиликс, кои ги разоткриваат програмите на ЦИА за сајбер војна, вклучително и оние за следење и преземање контрола на автомобили, смарт-теелевизори, веб-прелистувачи и оперативни системи на смарт телефони.
Раководството на Демократската партија стана крволочно како и републиканците по објавувањето на Викиликс на десетици илјади мејлови на Демократскиот национален комитет (DNC) и високи демократски функционери, вклучително и оние на Џон Подеста, претседател на кампањата на Хилари Клинтон за време на претседателските избори во 2016 година.
Меиловите на Подеста открија дека Клинтонка и членови на администрацијата на Обама знаеле дека Саудиска Арабија и Катар - милионски донатори на Фондацијата Клинтон - се главни финансиери на ИСИС. Тие открија транскрипти од три приватни разговори што Клинтон ги дала на Голдман Сакс - за кои ѝ биле платени 675.000 долари - сума што не може да се толкува поинаку освен како поткуп. Таа е-пошта, исто така, ја разоткри Клинтон како еден од архитектите на војната и уништувањето на Либија.
Новинарите кои тврдат дека овие информации требало да останат тајна, не можат себеси да се нарекуваат новинари.
Џулијан е прогонуван затоа што на јавноста и ги даде најважните информации за злосторствата и лагите на американската влада. Како и сите големи новинари, тоа не го направи од партиски мотиви. Тој ги таргетираше центрите на моќ.
Јавно објави за убиството на речиси 700 цивили кои преблиску дошле до американските конвои и контролни пунктови, вклучувајќи бремени жени, слепи и глуви и најмалку 30 деца.
Објави над 15.000 непријавени смртни случаи на ирачки цивили и тортура и малтретирање на околу 800 момчиња и мажи, на возраст меѓу 14 и 89 години, во логорот Гвантанамо.
Ни покажа дека Хилари Клинтон во 2009 година им наредила на американските дипломати да го шпионираат генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, и другите претставници на ОН од Кина, Франција, Русија и Обединетото кралство.
Откри дека Обама, Хилари Клинтон и ЦИА го поддржале воениот удар од јуни 2009 година во Хондурас, со кој беше соборен демократски избраниот претседател Мануел Зелаја, заменувајќи го со злосторнички и корумпиран воен режим.
Откри дека САД тајно извршиле ракетни, бомбашки и беспилотни напади врз Јемен, при што загинале голем број цивили.
Ниту еден друг современ новинар не се доближил ни приближно до неговите откритија.
Џулијан е првиот. Ние сме следни.