Поделбата на општествата е бизнис моделот на Фејсбук

Задачата на Фејсбук е што е можно повеќе да ги подели општествата и народите низ светот, не затоа што е зол и тоа му е првична цел, туку затоа што едноставно така најмногу се прават пари.

„Кога бизнис моделот на социјалните мрежи е на секое племе да му го покажат неговото страшило, неговиот непријател, тоа предизвикува поголемо поларизирање на политичката база, што значи дека за да бидеш избран треба да кажеш нешто што ќе биде привлечно за база која е по разделена,“ објаснува Тристан Харис, технолошки етичар и еден од луѓето што се појавува во документарецот „Социјална дилема“.

Како пример тој наведува дел од Фејсбук документите кои неодамна беа објавени, во кои пишува дека Фејсбук по менување на начинот на кој работи на системот за рангирање во 2018, одржува состаноци со политички партии во Полска, Унгарија, Тајван и Индија.

На овие состаноци политичките партии му кажуваат на Фејсбук дека се свесни дека го сменил рангирањето, што социјалната мрежа го отфрла како уште една теорија на заговор.

Објаснувањето на партиите е дека некогаш можеле да објават на пример бела книга за земјоделски политики околу деградација на почва и таа добивала внимание, а денес за истата таа тема добиваат нула внимание на социјалната мрежа.

„Единственото нешто на што добиваме сообраќај и внимание е кога ќе кажеме негативни работи за другата политичка партија. И знаеме дека тоа е лошо и не сакаме тоа да го правиме и така да ја водиме кампањата. Ама кога ти ќе го смениш алгоритамот и тоа е единствената работа што може да ја направиме за да привлечеме внимание, тоа покажува колку е клучен алгоритамот за се останато,“ парафразира Харис дел од Фејсбук документите.

Целиот разговор започна со тоа како Кина го подготвува своето население и како почна да се справува со проблемите поврзани со користење интернет кои видно влијаат на нејзината популација. Решението е кинеско, меѓутоа за сега проблемот е пострашен од решението.

Меѓу правилата што ги воведува Кина е на пример на сите корисници на кинеската верзија на Тикток помлади од 14 години, наместо инфлуенсери и денсинг рутини, да им се појавуваат „научни експерименти што можеш да ги правиш дома, музејски изложби и патриотски видеа.“

„Тоа е затоа што сакаат нивните деца кога ќе пораснат да бидат астронаути и научници, а не инфлуенсери,“ објаснува Харис.

Кинеските деца имаат право на само 40 минути на ден од ограничениот кинески Тикток, по скролање на неколку видеа добиваат задолжителна пауза од пет секунди, и има „работно време“ на социјалната мрежа која не можат да ја посетуваат од 22 часот навечер до 06 наутро.

 

19 ноември 2021 - 11:05