Јутјуб како платформа за гадости

Од педофилија, до која и да ти текне штетна и глупа или само глупа теорија на заговор, Јутјуб е локомотивата што истото ќе го извлече пред поширока публика, без разлика на нејзините години.

Истражувачи од Тексас теч универзитетот во 2017 одат на конвенција за луѓе што веруваат во рамна Земја, интервјуираат 30 посетители и крајниот резултат е дека за сите нив (освен еден) Јутјуб видеата се клучни за да се навлечат на заверата дека планетата Земја е рамна.

Без ни најмалку да се потрудиш, во ист мах на Јутјуб ќе најдеш слични видеа за секоја можна завера од тоа дека Елвис е жив, дека луѓе гуштери владеат со планетава, дека 11-ти септември е намештаљка, кемтрејлс, ХААРП и нормално вакцините.

Додека Јутјуб останува главната алатка и столб на  сето ова, едно од објаснувањата за плевелот теории на заговор кои никнуваат на секој чекор е намерата на заговорниците (кои најчесто имаат по неколку вакви миленичиња што ги негуваат и развиваат) да ја постигнат својата поента дека не треба да се верува во науката преку „растурањето на епистемолошкиот консензус“ за тоа како знаеме дека некои работи се точни.

Оваа мерка пак се базира на два фактора, децении долга намерна кампања за поткопување на консензус околу работите кои знаеме дека се точни (без разлика дали тоа било негирање дека пушењето предизвикува рак, или негирање за постоење на климатски промени). И второ е давање снага на ова негирање злоупотребувајќи факти и носење неточни заклучоци врз основа на наведените факти.

„Пример, движењето против вакцинирање се потпира на два точни факти за од нив да изведе невистинит заклучок:

- ’Фармацевтската индустрија е корумпирана и волна да ги загрози луѓето со цел да извади поголем профит’; и

- ’регулаторите се под контрола на фармацевтската индустрија и се подготвени да ја остават да прави што сака’; па затоа

- не може да им се верува на вакцините,“ се објаснува во текстот на Боингбоинг.

Додека кај заговорите станува збор за чиста идиотштина чии автори на крај можат да ја исперат со ставови „верувањето во рамна Земја само по себе не мора да е штетно“, Јутјуб освен стандардната штетност за психофизичкиот развој на децата во последно време почна да навлекува гнев дека е масовно употребуван за ширење педофилија.

Незадоволството е по две основи: и дека Јутјуб хостира видеа со софт-кор педофилска содржина, и дека служи како платформа за организирање и поврзување на педофили, вклучително и размена на ликови со детска порнографија.


П.С. Кога ќе имате време дајте му шанса на документарецот за рамна Земја „Behind the curve“. Само да го видите тој народ и таа публика.

 

19 февруари 2019 - 15:17