Гугл ќе го брише она за што се колнеше дека не го ни чува

Милиони корисници на Хром со години ја користеа опцијата за приватно „инкогнито“сурфање убедени дека на тој начин нивните талкања на интернет остануваат приватни и дискретни. Да беше навистина така, Гугл ќе немаше што да брише. Ама има, и тоа милијарди податоци за „приватни“ интернет посети и пребарувања на милиони „инкогнито“ корисници.

Гугл се согласи да уништи милијарди записи за да ја реши тужбата која го товареше дека тајно ја следи употребата на интернет на луѓето кои мислеле дека прелистуваат приватно во инкогнито режимот на прелистувачот Хром.

Тужителите тврдеа и очигледно ќе докажеа дека аналитиката, колачињата и апликациите на Гугл ѝ овозможуваат на Алфабет сепак да ги следи луѓето кои го подесиле својот Хром во „инкогнито“ режим. Тоа се непроценливи податоци од кои алгоритмите учат за она што се бара на интернет и се дознава за пријателите, омилената храна, хобијата, навиките за купување и најинтимните и потенцијално резил работи што се бараат на интернет.

Групната тужба започна во 2020 година, опфаќајќи милиони корисници на Гугл кои користеле приватно прелистување од 1 јуни 2016 година.

Според спогодбата, Гугл ќе ги ажурира обелоденувањата за тоа што собира при „приватното“ прелистување и ќе им дозволи на инкогнито корисниците пет години да блокираат колачиња од трети страни.

Адвокатите на тужителите проценуваа дека случајот е тежок меѓу 5 и 8 милијарди долари. На оштетените корисници, од спогодбата не им следуваат пари но ќе можат приватно да тужат.

 

2 април 2024 - 14:54