Заради сериозен баг, Мета преку ноќ им има трошено пари на луѓе, компании и агенции, многу над ограничувањата и параметрите кои ги имаат поставено.
Некои од купувачите на реклами пријавија драстични зголемувања на потрошените пари, без никаква причина и оправдување кај перформансите на метриките.
„Ова е најстрашното празнење што сум го видел. Некои акаунти од нашето портфолио преку ноќ потрошија 50.000 долари, со апсолутно нула сообраќај. Нашите лимити беа игнориирани и не можевме ништо да сториме“, вели човек од агенција.
Читател пак на Оффнет ни го пријавува нивниот случај:
„За акаунт на кој работиме вчера приметив дека имавме потрошено 17.000 долари до 8 саат сабајле (по американско време), а до тој момент на дневна база во пракса не трошиме ни 1.000 долари, што значи Мета/Фејсбук само на 1 акаунт на кој ние работиме потрошиле 17 пати повеќе oд вообичаено без притоа перформансите да се добри, апсолутно ниеден параметар немаше логична бројка позади него со оглед на потрошените пари, од кликање до leads.
Можам да претпоставам на глобално ниво каков проблем направило ова зашто сите акаунти кои ги менаџираме имаа нелогичен overspent. Сега ќе треба на секој поединечно преку кредити да враќаат пари“.
За среќа, Мета брзо го средија проблемот, за неполни два часа.
Сепак, се работи за голем удар врз довербата во нивните системи кои се менуваат заради фактот што многу корисници одбираат да излезат од системот за следење на нивните податоци па компанијата бара начин како да го премости проблемот и да го наштима машинското учење сепак да ги наоѓа најефикасните патишта за пласирање на рекламите до посакуваната публика.