Светот е задолжен како по Втората светска војна

Глобалниот државен долг е на пат да се изедначи со светскиот БДП до 2029 година, што не било уште од крајот на Втората светска војна, предупредува Меѓународниот монетарен фонд. Вкупниот долг пораснал побрзо од очекуваното поради пандемијата на ковид, кога креаторите на политиките презедоа мерки за заштита на граѓаните и спасување на тешко погодените бизниси.

Последен пат кога глобалниот долг достигнал 100% од БДП било во 1948 година, кога големите светски економии беа исцрпени од шестгодишната светска војна и позајмуваа пари за обнова на опустошените земји. 

Заврши периодот на евтино задолжување помеѓу глобалната финансиска криза и ударот на пандемијата на ковид-19, а трошоците за сервисирање на долгот веќе ги оптоваруваат буџетите. Каматните стапки значително се зголемија на глобалните пазари, а нивното движење во иднина е многу неизвесно, пишува во новиот извештај на ММФ.

Притисокот врз државните буџети го зголемуваат зголемените трошоци за сервисирање на постоечките долгови, стареењето на населението, како и наглото зголемување на трошоците за одбрана и вооружување, соопшти Фондот во својот најнов „Фискален монитор“.

ММФ ги повикува владите да ги пренасочат трошоците кон области поволни за раст, како што се инфраструктурата и образованието, за да помогнат за зајакнување на светската економија и да ги направат долговите поодржливи. 

Почнувајќи од превисоките дефицити и долгови, упорноста на трошење над даночните приходи ќе го турне долгот на уште повисоки височини, загрозувајќи ја одржливоста и финансиската стабилност. Постои ризик глобалниот долг да достигне дури 123% од БДП во 2029 година, според фондот.

Значителен дел од јавните расходи оди за исплата на плати, со просек од 25% од расходите во развиените економии и 28% во економиите во развој.

Трошењето за пензии, образование и здравствена заштита, како и сметките за плати, имаат тенденција да бидат постојани, наведува ММФ.

15 октомври 2025 - 16:18