ЦЕО-то на Рајанер, Мајкл О'Лири ја нарече идејата за отстранување на средното седиште „идиотска“ и порача дека неговата авио-компанија нема да лета ако таа се оствари.
Тој објаснува дека ако владите инсистираат на мерките за социјално дистанцирање, тогаш бизнис моделот на Рајанер ќе се распадне и компанијата нема да може да лета. О'Лири и порача на ирската влада дека ако сака да ги наметне ограничувањата тогаш „или владата нека плаќа за средното седиште или ние нема да летаме.“
„Не можеме да правиме пари со исполнетост од 66%.
Дури и да го направиме тоа, средното седиште не нуди никакво социјално дистанцирање, па затоа идиотска е идејата и таа и онака ништо не постигнува,“ порачал О'Лири.
За тие што не се запознаени, Рајанер е авио-компанија за буџетски летови, чија главна цел е како да смести повеќе луѓе во еден лет, и како истите тие поевтино да ги пренесе од една до друга точка. До пред пандемијата, компанијата размислуваше како да воведе „летови на стоење“ за да може да пренесе повеќе луѓе за поевтини пари.
Процената на ИАТА, глобалната организација на авио-индустријата, е дека авионската индустрија како последица на ковид-19 годинава изгуби 314 милијарди долари. Според истиве, мерките за намалување на заразата предвидени за авио-индустријата ќе стават крај на евтините летови, и ќе ги присилат превозниците да ги кренат цените за 50% или да пропаднат.