Пензиите се кошмарот на иднината

На светот му претстои финансиска катастрофа и овој пат не заради алчни банкари, берза или хипотеки, туку заради подискретен, но структурен проблем - пензии и кој ќе ги плаќа.

Светскиот економски форум предвидува дека до 2050 светот ќе се соочи со минус од 400 илјади милијарди долари во пари во пензиски фондови (400.000.000.000.000,00 долари). Најголемата дупка ќе биде кај Американците, на кои ќе им мањкаат 137 илјади милијарди долари за во 2050 да можат да исплаќаат адекватни пензии. На второ место се Кинезите со 119 илјади милијарди долари.

Дел од недостатокот е очекуван бидејќи повратот на инвестираните пензиски фондови е помал од очекуваното, плус луѓето живеат сè подолго (процената на Форумот е дека голем број од луѓето кои се неодамна родени ќе живеат над 100 години).

„Меѓутоа главниот дел од минусот е вграден во самиот пензиски систем кој е поставен на начин на кој ниту владите, ниту поединците не штедат доволно. Околу три-четвртини од проектираните приходи доаѓаат од недоволно финансираните ветувања од владите, а остатокот отпаѓа на поединци кои не штедат доволно,“ се објаснува во текстот за Кварц.

За поголем впечаток, проблемот се објаснува со примерот за климатските промени: „никој денес не ги разбира последиците, ама ако не се преземе ништо проблемите се таложат и потоа нема да можат да се решат.“

Сепак преовладувачкиот дел од недостатокот доаѓа од владини програми. Со цел да се реши проблемот, владите мора адекватно и проактивно да го финансираат пензискиот систем, без разлика дали со зголемување на давачките или со кратење на бенефициите. Поединците не може сами да заштедат доволно за да компензираат за нереалистичните ветувања што нивните влади ги направиле,“ порачуваат од Кварц.

29 октомври 2019 - 13:53