Одлуката на Бафет од 50 милијарди долари

Како дел од серијалот на Форбс "Кога имав 25 години" Ворен Бафет ја раскажува најголемата одлука во својот живот.

Ворен Бафет со сопругата и ќерката

Бенџамин Грем ми беше идол уште кога ја прочитав неговата книга "The Intelligent Investor." Се запишав на Универзитетот Колумбија, затоа што таму предаваше, а и кога се отпишав и се вратив во Омаха, не заборавив на него. Помеѓу 1951-ва и 1954-та, додека продавав хартии од вредност, постојано му праќав идеи за мојата работа. Еден ден добив одговор на едно од моите писма: "Следниот пат кога ќе бидеш во Њујорк побарај ме."

Отидов, се видов и ми понуди работа во Грем-Њуман корп. управувана од Џери Њуман, првиот хеџ-фонд. Се преселив во Вајт Плеинс, Њујорк со жена ми која беше 4-ти месец бремена и ќерка ми. Секое утро со воз стигав до станицата Гранд Централ и одев на работа.

Кратко траеше. Следната година, г-динот Грем, ме предупреди дека ќе се пензионира. Всушност тој ми даде шанса да го заменам него, како помлад партнер. Бевме мал фонд (6-7 милиони долари), но познат.

Ова беше трауматична одлука. Имав шанса да го заменам мојот херој, но истовремено сакав да се вратам во Омаха. Речиси цел месец одев на работа размислувајќи како ќе му кажам на г-динот Грем дека ќе си одам.

Во тоа време, во 1955-та веќе имав 127.000 долари (кога излегов од колеџ имав 9.800 долари). Планирав да се вратам во Омаха, да го завршам колеџот и многу да читам. Пресметав дека можеме да живееме со 12.000 долари годишно, а со мојата основа од 127 илјади, лесно можев да ги заработам тие пари.

Жена ми и децата се вратија во Омаха пред мене. Јас бев со автомобил, па на враќање застанав во неколку компании во кои сакав да инвестирам. Немав закажано состаноци. Само ќе се појавев. Видов дека луѓето сакаат да разговараат со мене.

Во Омаха изнајмив куќа за 175 долари месечно. И реков на жена ми: "Не ми е проблем да купам куќа. Ама тоа е како столар да си го продаде алатот." Не сакав да го искористам мојот капитал.

Не планирав да започнам партнерство, ниту да се вработам. Немав грижа како сам ќе се снајдам. И во никој случај не сакав повторно да продавам хартии од вредност. Случајно, седум луѓе, меѓу кои и мои роднини, ми рекоа: "Ти продаваше акции, би сакале да ни кажеш што да правиме со нашите пари." Одговорив: "Не планирам повторно да го правам тоа, но ќе формирам партнерска фирма и вие може да ми се приклучите." Дедо ми, тетка ми Алис, сестра ми, зет ми, мојот адвокат, цимерот од колеџ и мајка му се потпишаа. Тоа беше почетокот - сосема случајно.

Кога завршивме, имавме вечера. Тие седуммина и јас. Купив книговодствена книга за 49 центи а тие ги донесоа своите чекови. Пред да им ги земам парите, на сите им дадов половина лист хартија на кои имаше нешто што јас го нареков - основни правила. Им објаснив: "Правните документи за партнерството се составени од две или од четири страни. Без гајле за тоа. Јас ќе ви кажам што има во нив за да нема изненадувања."

"Но, овие основни правила се филозофијата. Ако сте на иста фреквенција со мене тогаш да почнеме. Ако не сте, ве разбирам. Нема да ви кажам што поседуваме или нешто слично. Сакам да добивам букети кога заслужувам букети, и сакам да фрлаат овошје по мене кога го заслужувам тоа. Ама не сакам да фрлате по мене ако сме паднале за 5%, а целиот пазар паднал за 15%. Во тој момент ќе мислам дека заслужувам букет за тоа." Се разјаснивме и тие ми ги дадоа нивните чекови.

Без да барам клиенти парите почнаа да доаѓаат и од луѓе што не ги знаев. Во исто време, во Њујорк Грем-Њуман корп. беше ликвидирана. Имаше еден клиент од Вермонт кој имаше инвестирано во Грем-Њуман корп. Тој го прашал Грем "Бен што да правам со моите пари?" Бен одговори "Има едно дете што работеше за мене..." Клиентот дојде во Омаха, во изнајмената куќа во која живеев. Имав 25 години, изгледав како да сум 17, а се однесував како 12. Ми рече: "Што правиш?" Му одговорив: "Еве што правам за моето семејство и тоа ќе го направам и за тебе."

Иако не знаев 25 беше клучна година за мене. Го менував животот, поставувајќи ги основите за Berkshire Hathaway. Не бев уплашен. Правев нешто што сакам и се уште го правам.

 

27 март 2012 - 18:35