Хрватски Римац го купува Бугати?

Фолксваген размислува комплетно да го продаде Бугати како би му го продолжил животниот век на производителот на суперавтомобили во добата на сè електрично. Намерата е Бугати да се вдоми кај хрватскиот производител на електрични автомобили Римац.

Во пракса се работи за уште едно големо претурање од едно во друго Фолксваген ѓезве, па планот е Порше да го зголеми својот удел во Римац од 15,5 на 49%, како Римац би имал пари да го купи Бугати.

Бугати, кој минатата година продаде 82 автомобила, се смета за највисокото ниво на инженерство во Фолксваген групацијата. Бугати врвот го доживува во 1950-те и во следните децении полека бледее. Дури во 1998 Бугати воскреснува со моделот Вејрон, кој заради преголемите трошоци за развој и мал број на произведени возила се смета за еден најголемите загубари во историјата на авто-индустријата.

Потенцијалниот нов сопственик на Бугати е формиран во 2009, а две години подоцна премиера имаше Концепт Уан, комплетно електричниот супер-автомобил.

Освен Порше меѓу инвеститорите во хрватската компанија се и Хјундаи, Киа и кинескиот производител на акумулатори Камел груп.

17 септември 2020 - 19:55