Г6 против бизнисите на Трамп

Една од стратегиите што веќе се разгледува од најбогатите држави на светот е наместо да си вадат очи со САД откако Трамп почна да се расфрла со тарифи, директно да удрат по личните компании и бизнис интереси на американскиот претседател.

Изминатите месеци Трамп воведе дополнителни давачки на производи од цел свет, од ЕУ преку Канада до Кина. Како што тој ги креваше тарифите, така возвраќаше и другата страна, само тоа немаше некој голем ефект во пишманење на Трамп во однос на неговата агенда.

Како резултат на ова во САД и во Канада се поживи се размислувањата дека единствен начин да се обузда Трамп е вниманието на сите страни да се насочи кон неговите бизниси. До сега само Кина го има пробано ова, но во обратен правец, па гледаше да го одоброволи Трамп со тоа што повнимателно ќе ги третира неговите бизниси во земјата.

Бидејќи човекот е распленет низ најразлични бизниси, тешко е да се одреди прецизен опсег на дејности кои би го таргетирале само него. Едно од решенијата што го предлагаат од Канада е воведување на нешто налик американскиот Магнитски закон, кој е направен да казнува поедини странски (руски) функционери и бизнисмени за кои се смета дека се корумпирани.

Ваквиот предлог привлече сериозно внимание во Канада па на прашање од канадска парламентарка дали се планира воведување на ваква мерка, канадската министерка за надворешни работи, Кристија Фриленд, одговори:

„Сега сме во период на консултација, добредојдени се идеи од сите Канаѓани околу тоа што треба а што не треба да биде на нашиот список за одмазда.“

Друга мерка која им стои на располагање на загрозените земји е ограничување и детална анализа на сето досегашно финансирање на бизнисите на Трамп од банките во нивните земји.

25 јуни 2018 - 11:26