Со години, економијата на Финска беше „вуковец“ кому цела Европа му завидуваше и сакаше да го имитира. Силен економски раст, високо конкурентни компании, пазар на труд со речиси целосна вработеност, балансирани јавни финансии и многу низок сооднос долг-БДП.
Нејзината привилегирана позиција ја охрабри да им држи лекции на европските држави од југот за време на кризата во еврозоната (2011-2013).
Но, одмаздата најдобро се сервира ладна. Десетина години подоцна, некои јужни земји можат да ѝ држат лекции на Финска.
Денес, таа има поголема невработеност од Шпанија и е на пат да го надмине нивото на нејзиниот јавен долг. Ако се направи споредба со Португалија, бројките се уште повпечатливи. Стапката на невработеност во Португалија е под 6%, додека Финската надминува 10%. Во однос на јавниот долг, Португалија и Финска имаат слични соодноси од 89% кон БДП. Шпанија, со 100% долг во однос на БДП, сè уште има полош сооднос, но лошите фински бројки ја доближуваат нордиската земја.

Ако невработеноста во Финска е лоша генерално, уште полоша е меѓу младите: 25% од Финците на возраст од 15 до 24 години се невработени а бројот на млади кои се без работа повеќе од една година се зголемил повеќе од двојно помеѓу 2008 година и лани.
За Рупе Уситало, професор по економија на Универзитетот во Хелсинки и поранешен претседател на Советот за економска политика на Финска, корените на проблемите на земјата датираат некаде од 2010 година. Тогаш два од главните мотори на раст на Финска почнуваат да зарибуваат.
Нокиа, која на почетокот на милениумот учествуваше со 4% од БДП на Финска и со речиси една четвртина од приходите од корпоративен данок, ја изгуби доминантна позиција откако Епл го револуционизираше пазарот на смартфони. Во исто време, финската индустрија за хартија, со децении главен столб на извозната економија на земјата, доживеа продолжен пад бидејќи дигитализацијата драстично ја намали побарувачката.
Финска се најде во ситуација да собира помалку даноци додека ги зголемува трошоците за пензии и здравствена заштита кои растат од година в година.
Јавните финансии се во минус 17 години а продуктивноста, која во златните години на Нокиа имаше двоцифрени стапки на раст, стагнираше повеќе од една деценија.
Пандемијата само ги влоши овие проблеми зашто Финска се задолжи со голем долг за да ги заштити бизнисите и работните места а руската инвазија на Украина уништи голем дел од трговијата и туризмот со соседна Русија и предизвика драстично зголемување на трошоците за одбрана.
Уште неколку цифри:
Бројот на бездомници лани скокнал за речиси една третина во споредба со претходната година, бројот на луѓе кои бараат помош од црквите се зголемил за 40% а бројот на луѓе со заплени од државата поради долгови за прв пат надминал 600.000.
Заради ваквата црна слика, владините економисти се радуваат и на најмали знаци за оптимизам, како што е ланскиот раст на БДП од 0,8%.
Луѓето не се убедени: седум од десет Финци сметаат дека државата им оди во погрешна насока.