Епл до ЕУ: Дал сте вие нормални?

Не баш со тие зборови, туку со нивната корпоративна верзија „ова е спротивно на реалноста и здравиот разум“, а се однесува на фактурата за данок што ЕУ му ја испорача на Епл во вредност од 13 милијарди евра.

Се работи за данок што Епл треба да го исплати на Ирска, кој инаку го има избегнато заради сите даночни олеснувања што од 1990-те ги добива од земјата. Основа за ова е судска одлука од 2016, која Епл ја има обжалено на второстепен суд.

Во одлуката од 2016 се тврди дека Епл имал корист од нелегални субвенции од државата кои вештачки го намалиле даночниот товар на компанијата во период од две децении.

Инаку Епл ја нема притиснато Ирска за ништо од ова, туку олеснувањата се дадени по сопствена желба со цел привлекување на повеќе странски компании во земјата.

Епл ја оспорува одлуката по неколку основи, дека Европската комисија ја злоупотребила својата моќ за да се спротивстави на државни субвенции, и дека според Комисијата речиси целиот профит на Епл од глобалната продажбата вон САД, треба да биде запишан кај двете нивни филијали во Ирска.

Според Епл тоа што Ајфон, Ајпад, Ап стор, и други епл продукти и сервиси и интелектуална сопственост се развиваат во САД, а не во Ирска, ги покажува слабостите на аргументите на Комисијата.

„Активноста на филијалите не вклучува креирање, развој и менаџирање на овие права. Врз основа на фактите во овој случај, примарна поента е спротивна на реалноста и здравиот разум.

На активноста на филијалите во Ирска не може да се припише генерирање на речиси комплетниот профит на Епл вон Америка,“ изјавил адвокатот на Епл, Даниел Беард.

18 септември 2019 - 11:27