Од 400 ЦЕО-а на големи американски компании, неверојатни 91% предвидуваат рецесија во следните 12 месеци, а само 34% од испитаните сметаат дека рецесијата ќе биде блага и кратка.
„Имаше страшна несигурност во изминатите две и пол години (ковид-19 пандемијата), а сега имаме уште една рецесија што нè демне,“ објаснува првиот човек на агенцијата што ја спроведе анкетата, КПМГ УС, Пол Кноп.
Подготовките што компаниите ги прават за рецесија главно се однесуваат на намалување на трошоците, а едно од најголемите кратења се прави преку отпуштање на вработени, нешто на кое размислуваат повеќе од половина од анкетираните ЦЕО-а.
Позитивното од анкета е што голем број од ЦЕО-та сметаат дека денес тие се во подобра форма за справување со потенцијалната криза отколку што биле во 2008 и се поотпорни на претстојните проблеми.
Директорите се чувствуваат како да имале и еден вид на генерална проба за рецесијата пред две години кога економијата на кратко крахна на почетокот од пандемијата, а стапката на невработеност во април 2020 достигна рекордни 14,7%.
„Кноп вели дека ЦЕО-та се очигледно доволно нервозни околу краткорочната перспектива на економијата што имаат намера да променат дел од долгорочните планови за трошење. Една област која посебно би можела да настрада се ЕСГ инвестициите (environmental, social, governance).
Кноп забележува дека иако голем број ЦЕО-а изјавиле дека тие веруваат дека нивниот бизнис ќе се подобри на долг рок како резултат на ЕСГ инвестиции, тие веројатно ќе треба да ги паузираат овие инвестиции во текот на следната година за да ги намалат трошоците,“ пишува Пол Моника во текстот за Си-ен-ен.
Анкетата покажала и дека ЦЕО-та ќе ги паузираат големите инвестиции за да видат како ќе завршат меѓуизборите во ноември и како ќе изгледа политичкиот пејзаж во Вашингтон.
Слично испитување од септември годинава, ама на средни компании, покажало дека над 90% од ЦЕО-та стравуваат од рецесија, а над четвртина од нив веќе почнале со отпуштање или планираат да го прават тоа во следните 12 месеци.