На Балканот, многу значи гласот на светските супер сили, убаво се забележува во Форин Полиси со потсетување на каваљерската порака од американскиот државен секретар Џејмс Бејкер од 1991 година „Ние немаме коњ во оваа трка“, која послужи како зелено светло за крвава разрешница на распаѓањето на Југославија.
Слична динамика се одвива и денес, смета контроверзниот Едвард Џозеф (ехее, како се гушкаа со Милчин во „Медиум“ кај кино Култура кога падна Љубчо).
Во шест, главно мирни (паузирани?) балкански земји (Бугарија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово) расте опасна меѓуетничка токсичност, сето тоа додека Трамп е „на смена“ а тој реши да не гледа што се прави во овој дел од светот.
„Во последниот сликовит пример, високите американски државници овој месец ненамерно охрабрија една НАТО членка, Бугарија, да се закани со воена интервенција кон друга НАТО членка, Македонија. На 6 октомври, секретарот за одбрана, Марк Еспер, се сретна со својот бугарски колега, Красимир Каракачанов, остар националист со долга историја на бомбастично напаѓање на Македонија. Во услови на растечки домашен притисок врз неговата влада, Каракачанов ја обнови заканата дека Бугарија ќе ги блокира долго одложуваните преговори за членство во ЕУ, што е еден од транс-атлантските столбови за стабилизирање на Балканот.
Наместо да го притиснат Каракачанов заради провокациите и да бараат негова воздржаност, според официјалните транскрипти од средбата, бугарскиот министер бил облеан со виски и пофалби во Вашингтон, додека се преговарала десетолетка за соработка во областа на одбраната. И продажба на 8 авиони Ф-16. Без да покаже никаква загриженост за диктатите на Бугарија, Еспер го испофали Каракачанов, на што овој возврати со слични воспевања за Трамп. Присноста од Вашингтон беше продолжена во посетата на Кларк Купер, висок претставник на американскиот департмент за одбрана, на Бугарија на 20 октомври, кога овој изрази недвосмислена „американска благодарност кон Бугарија за нејзината посветеност на Алијансата“.
Два дена подоцна, Каракачанов повторно го шокираше регионот отворено заканувајќи се дека ќе испрати воен полк во Македонија, конструирајќи обвинение дека Македонија може да биде закана за територијалниот интегритет на Бугарија. Не само што администрацијата на Трамп не успеа да испрати јасен сигнал пред Каракачанов да избувне туку многу малку стори и после тоа“, потсетува Џозеф.
Тој смета дека американскиот молк е неприфатлив и потсетува дека многу истакнати Бугари ја осудија својата влада што ги малтретира Македонците околу нивниот национален идентитет, проценувајќи дека тоа ќе ѝ наштети на самата Бугарија. Па сепак, Бугарија неодамна го блокираше влезот на Македонија во Фронтекс (агенција за менаџирање на европските граници) што ја ослабува нејзината способност да се справи со илегалната миграција и меѓународниот криминал.
Софија е засега изолирана во ЕУ но проблемот е што Унијата можеби не сака, но истовремено не може да спречи земјите членки да внесуваат свои билатерални спорови во преговарачките процеси на други земји.
„Американската продажба на Ф-16 на Бугарија не може да биде оправдување за молкот на Еспер и неговите колеги од Стејт Департментот. Компетентна администрација ќе знаеше како да продаде авиони на една земја членка на НАТО (Бугарија), без да „продаде“ друга земја членка (Македонија),“ пишува Едвард Џозеф за Форин полиси.