Атина го смета Израел за важен партнер, но блискиот однос се соочува со растечки гнев во Грција поради продажбата на оружје, високите кирии и геноцидната војна на Израел во Газа.
Израел минатата недела издаде предупредување до своите граѓани во Грција пред про-палестинските протести: избегнувајте јавно обзнанување на вашата националност.
Во Грција кириите растат а за тоа често се обвинуваат Изралеците кои во последно време сè почесто купуваат имот во земјата. Речиси 100.000 Израелци ја напуштија својата земја на повеќе од три месеци во 2025 година, што е трета по ред рекордна година. Дел од нив решија дека е најпаметно да купат имот во Грција и Кипар.
Блиското пријателство на Киријакос Мицотакис со Бенјамин Нетанјаху, само го распламтува гневот.
„Тоа е асиметричен однос во кој моќта е само кај едната страна“, изјави Константинос Исихос.
Сето тоа се отсликува и во јавното мислење. Анкета на Пју покажа дека 65 проценти од Грците се против дополнително зближување иако многумина го сметаат тоа за нужно зло поради, како што сметаат, експанзионистичка Турција.
А тука е и прашањето за парите.
„Никогаш нема доволно пари за подобри болници, авиони за гаснење пожари, возови или пензии ама секогаш има за купување Предатор (софтвер за надзор) и израелско оружје со кои се храни воената машинерија што секојдневно произведува окупација, смрт и апартхејд,“ вели Јасон Апостопулос, пропалестински активист и спасител на мигранти од централен Медиетран.
Она што своевремено започна како енергетско и безбедносно партнерство меѓу Атина и Тел Авив, постепено се разви во многу поширок стратешки однос, коцентриран на воена соработка, разузнавање и позиционирање на Израел на Медитеранот. А со оглед на тоа дека Ормускиот теснец и Баб ел-Мандеб моментално се под контрола на Иран, Медитеранот добива сè поголемо значење за Израел.