Од пописот на улици во Нов Белград, после 53 години ќе биде избришано името на македонскиот револуционер Гоце Делчев а таблата е резервирана за советскиот маршал Фјодор Иванович Толбухин. Тоа е иницијатива на српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ а градскиот менаџер Горан Весиќ наоѓа во неа оправдување бидејќи Гоце Делчев 'не само што не ја задолжил Србија или Белград туку водел организација со антисрпска политика'.
Националниот совет на македонското малцинство во Србија најостро го осуди ваквиот начин на дисквалификација на ликот и делото на Гоце, но српски историчари велат дека 'само се држат до фактите'.
"Реално, заслугите на Гоце Делчев и за македонскиот народ се минимални. Македонците околу него направија најобичен мит кој се создаваше последните 40 години од минатиот век кога Делчев стана симбол на македонската национална борба. Па и Лазар Колишевски, еден од водечките македонски комунисти, веднаш по војната изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин кој нема никакви посебни заслуги за борбата на македонскиот народ," тврди Александар Животиќ од Катeдрата за историја на Филозофскиот факултет во Белград.
Според светогледот на овој српски историчар со испоснички лик (види фото), организацијата на Делчев водела про-бугарска политика и со убиства, атентати и лажни тужби пред отоманските судови сакала да го минимизира срското влијание во Македонија а главен изведувач на теренот бил Даме Груев, најблискиот соработник и пријател на Делчев.
Пописот од 2011 вели дека во Србија живеат 22,175 Македонци, најмногу во Белград и јужен Банат. Во Белград постојат 13 улици кои се именувани по македонски великани, градови или региони а освен во Нов Белград, постои улица Гоце Делчев и во белградската општина Гроцка.