Фактори што доведуваат до масакри

Психијатри идруги познавачи на темните страни на човековата душа се обидуваат да ги исцртаат контурите на масакрот во Велика Иванча, слика која никогаш нема до крај да биде целосна бидејќи главниот протагонист, убиецот на 13 луѓе, им подлегна на повредите.

ТОЛЕРИРАЊЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Братот на Јаворка Богдановиќ, преживеаната сопруга на масовниот убиец од Велика Иванча, тврди дека Љубиша ја тепал неговата сестра. Имале однос на постојано несогласување чии агресивни манифестации биле сокривани од соселаните. "Кога еднаш ќе се случи, насилството во семејството се повторува и ескалира," вели семејниот психотерапевт Невена Чаловска.

ПОТИСНАТА ДЕПРЕСИЈА

Со денови пред крвавиот пир, Богдановиќ се будел во никое време. Психијатрите во тоа гледаат можен симптом на тешка депресија. Оние кои во јавноста ја потиснуваат агресијата, често се склони кон депресивни пореметувања. Човек се опседнува со идеи од апокалиптичен карактер ("Нема живот за мене, нема живот за никого") а потиснуваната агресија со некој тригер лесно го менува правецот и се свртува нанадвор. Некои психијатри мислат дека Богдановиќ веројатно својот чин го доживеал како чин на милосрдие, да ги спаси луѓето од маките кои ги чекаат.

НЕРЕШЕНИ СЕМЕЈНИ КОНФЛИКТИ

По трагедијата, испливуваат на површина доста проблематични детали за семејството кое до тогаш на околината и делувало складно. На таткото никако не му се допаѓала девојката со која се гледал синот и никогаш не му бил јасно зошто се уште не е пристојно оженет. "Секоја нерешена конфликтна ситуација може на долг рок да предизвика анксиозност. Проблемите за кои не се наоѓа решение го исцрпуваат човека," вели стручно лице.

ПОСТРАУМАТСКИ СТРЕСОВИ ОД ВОЈНА

Богдановиќ во 90-тите бил на боиштето во Словенија, речиси никогаш не сакал да зборува за тоа. "Во војна се руши едно од основните табуа кои човек ги усвојува во детството – агресија кон останатите. Враќањето во мирнодопски услови не е секогаш лесно и на човек му треба помош за да успее до тогаш неспречуваната агресија да ја стави под контрола".

ТРАГЕДИИ ВО СЕМЕЈСТВОТО

Таткото на Љубиша се има обесено кога овој бил мал. Некои велат и чичко му завршил на ист начин. За суицидалните пориви се уште постојат дилеми колку се наследни. Во секој случај, самоубиството е голем товар за членовите на семејството, посебно во селски средини во кои ваквите случаи се третираат како тајни.

ПОРЕМЕТУВАЊЕ НА СТРУКТУРАТА НА ЛИЧНОСТА

На прашањето "каков човек може да направи ваков злостор", директорот на една белградска психијатриска болница смета дека кај Богдановиќ е очигледно пореметување на примарната структура на личноста која се формира на возраст до 5 години. "Оскудни интелектуални капацитети, длабоки морални пореметувања и висок степен на сугестибилност, тенденција да се подлегне на импресии, во случајов дека за животот веќе нема надеж."

ДРЖЕЊЕ ОРУЖЈЕ ДОМА

Над милион луѓе во Србија легално поседуваат оружје. Дозвола се добива лесно. Во тек се подготовки за измена на законот кој предвидува и задолжителен лекарски преглед.

ОГРАНИЧЕНОСТ НА ЖИВОТОТ НА СЕЛО

Тоа што поголемиот дел од масовните убиства во нашиве средини се случуваат на село, форензичарот Милан Костиќ го доведува во врска со лимитираните содржини на руралниот живот.."Проблем е што ретко се излегува надвор од рамките на познатиот круг каде би можел некој да го препознае патолошкото. И постојат огромни предрасуди кон душевно болните. Наместо да побараат помош, полесно им е да се затворат во себе, за да не ги осуди околината."

ГУБЕЊЕ РАБОТА

Богдановиќ работел за една словенечка фирма до лани, кога ја губи работата. "За многу луѓе, губењето на работата е тежок факт но тие се свесни за големината на животот па наоѓаат начин да ја решат анксиозноста. Но, во патолошки случаи, ова може да биде ороз кој ќе ги ослободи темните страни на личноста."

ТРАУМАТСКО ДЕТСТВО

Љубиша бил растен од дедо му Обрад, исклучително строг кон него, го терал да станува пред 5 часот и го казнувал физички и за најмали грешки. "Ако некој не се изборил со траумите уште во најрано детство, подоцна тешко ги совладува. Непријатното детство веројатно не е директна причина за масакрот но е парче од мозаикот од кој е составен овој грозоморен чин кој никогаш докрај нема да биде обелоденет затоа што протагонистот им подлегна на повредите.

 

12 април 2013 - 12:29