Храната која се нарачува во кантината на железничката станица завршува некаде по околните ридови каде што живее една невидлива заедница од луѓе кои со месеци чекаат прилика да го завршат своето патешествие.
Го започнале од Сирија, Авганистан или Ирак а сакаат да го завршат некаде во западна Европа. Ставрос, газдата на дуќанот вели дека ги носи нарачките на 4-5 специфични локации, не секогаш во истиот крај. Се случува и никој од мигрантите да не се појави да ја подигне храната, најверојатно заради страв од полициска заседа.
Никој не знае колкумина луѓе живеат така, криејќи се меѓу дрвјата долж грчко-македонската граница но се знае дека непосредно пред кампот кој своевремено броеше десетина илјади луѓе да биде расчистен во мај годинава, илјадници луѓе го напуштија Идомени за да не бидат однесени во другите предвидени локации за мигранти.
Порано овие групи се среќаваа по патиштата и по шините но денес се многи попретпазливи и ги среќаваат, главно, само овчари.
Македонски воени извори за Франс прес велат дека дневно во Грција се враќаат меѓу 30 и 50 луѓе кои илегално ја минале границата, што отприлика се совпаѓа и со грчката цифра.
Минатата недела грчката полиција уапси двајца бугарски камионџии кои на 13 луѓе, од кои 9 биле деца, им ветиле дека за по 1.000 долари од глава ќе ги префрлат до Белград.