Десетици илјади Албанци во јуни ги преплавија улиците, мавтајќи со надувани фламинга, барајќи оставка од премиерот Еди Рама. Поводот за протестите беше специјалната владина дозвола за компанија на семејството на Доналд Трамп да гради луксузен хотелски комплекс на заштитено мочуриште, кое е природно засолниште на фламинга.
Рама прво ги отфрли протестите како „оркестрирана дигитална хистерија, а кога пораснаа ги припиша на странски сајбер активисти, а потоа на Иран.
Збир од нови документи, претставени како „Досие Еди Рама“ откриваат дека одморалиштето Звернец е само еден јазол во мрежата на нелегални зделки со недвижности што се протега од крајбрежјето на Албанија до нејзиниот главен град, овластена од премиерот.
Во фокусот се активностите на Националниот совет за територија на Албанија (KKT), кој издава дозволи за секој поголем градежен проект во земјата. На чело на ККТ е премиерот Рама. Откако дојде на власт во 2013 година, без неговиот потпис не може да почне изградбата на ниту едно одморалиште на брегот ниту облакодер во градовите.

Основа на Досието е истрагата од Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (СПАК) , кое откри широка мрежа за трговија со дрога и перење пари преку секторот за недвижности. За секој проект што е под истрага на СПАК била потребна дозвола од премиерот.
Но дозволите се само половина од приказната. Рама го измислил правниот статус „стратешки инвеститор“ со кој му се даваат привилегии на секој голем проект под контрола на ККТ. Ако некој проект добие статус на „стратешка инвестиција“, претходните сопственици на земјиште не можат да го оспорат на суд. Државата е законски овластена и задолжена да го откупи имотот во име на инвеститорот.
Приватизацијата на заштитеното мочуриште во Звернец почнала уште во 2021 година. Советот на министри на Рама тивко го укинал заштитениот статус и одзел 5.000 хектари од неговата територија. Во 2024 година, парламентот усвои измени на законодавството за заштитени подрачја. Кон крајот на годината за „стратешки инвеститор“ е прогласена и фирмата „Атлантик Инкубашн Партнерс“ поврзана со Џаред Кушнер, зетот на Трамп.
Во јануари 2025 година, KKT на Рама издаде дозволи за развој за луксузно одморалиште во лагуната Вјоса-Нарта, заштитено јадранско мочуриште каде што живеат фламинга, фоки и морски желки. Инвеститорот бил Zvërnec South Adriatic Development - офшор фиктивна компанија основана само неколку месеци претходно - со неоткриени сопственици поврзани со катарски инвеститори и со проект поддржан од Кушнер. На 30 април 2026 година, багерите влегоа во заштитената зона пред дозволите дури и официјално да бидат потпишани. Кога локалните службеници пристигнаа за да ги блокираат градежните активности, компанијата објави дека има дозвола од Тирана.

Во кривичната истрага, СПАК откри дека земјиштето му било вратено на претходен сопственик - Артур Шеху, по потекло од Валона, кој живее во Флорида и управува бизниси низ брегот на Албанија. Врз основа на документ од отоманската ера - „Регистарот на Даими од 1318 година“ - докажал дека неговиот предок го поседувал земјиштето пред векови. Врховниот суд на Албанија утврди дека документот бил фалсификуван и „намерно погрешно преведен“.
СПАК тврди дека Шеху е шверцер на кокаин со политички врски. Во јануари 2019 година европски органи следеле состанок во Аруба на кој Шеху и неговите соработници разговарале за логистика за шверц на кокаин во Латинска Америка и за инвестиции во недвижности во Албанија „потенцијално финансирани со нелегални средства и поддржани од политичките власти“.
Истрагата се прошири надвор од Звернец. Истата мрежа, со исти имиња и методи, се провлекувале за изградбата на кулите „Гарден Билдинг“ и „Колонада“ во центарот на Тирана, за парцела близу стадионот „Ер Албанија“ и одморалиштето „Зелен брег“ во Паласа на Јонското крајбрежје. Судската наредба на СПАК од 10 јуни 2026 година - за замрзнување на над 100 милиони евра и 20 налози за апсење, е еден од првите случаи некој да биде повикан на одговорност за одземање на имотот преку овој процес. Рама ја нападна и Канцеларијата на специјалниот обвинител како „излезена од шините“.
Девет земји-членки на ЕУ сега го блокираа извештајот за пристапување на Албанија поради загриженост за владеењето на правото. Европскиот парламент повика на запирање на градежните работи во заштитените подрачја. СПАК сè уште истражува.