Бугарски радио парадокси

Заврши неколку месечниот спор поради кој Бугарите не можеа да слушаат современа и модерна музика на своето национално радио. Сега можат, но, во меѓувреме се навлекоа на народно.

Бугарското национално радио соопшти дека е постигнат договор со тамошната агенција за авторски права што значи дека во иднина ќе може да почне да пушта и песни понови од 70 години. Во двата месеца колку што траеше спорот, на радиото не му беше достапен лавовски дел од популарната музика па беше принудено да пушта само стара народна музика и класика. 

Бугарскиот Музикаутор бараше од радиото на име на авторски права за 2017 да плати паушал од 1,8 милиони лева, тројно повеќе од претходната година. По преговорите, договорено е сумата за авторски права да биде доведена на бараното ниво за три години.

Во меѓувреме, некои бугарски музичари и групи, незадоволни од лакомоста на нивниот ЗАМП од која не гледаат никаков аир, директно му ги даваа новите албуми на радиото за да ги пушта во етер. 

Враќањето на модерната музика на бугарските радио бранови се судира со еден интересен парадокс. Во меѓувреме на публиката баш фино и легнала досегашната музика па за само два месеца слушаноста на радиото забележа раст од 20%.

 

28 февруари 2017 - 08:58