
Надлежното бугарско министерство проценува дека реформите во здравството се неопходни и дека сегашниот модел на здравствено осигурување е неодржлив за државната каса и јавното здравје.
На тркалезна маса на таа тема, министерот Кирил Ананиев изнел два предлога за можна реконфигурација на системот: ставање плафон на максимални трошоци зад кои ќе застане државата или одење во комплетна приватизација.
Првиот предлог за идните реформи е државниот здравствен фонд да финансира трошоци на лечење до 700 лева а сè што е над тој праг да се покрива со осигурителни фондови. За таа цел, предвидено е воведување нова задолжителна здравствена такса од 12 лева месечно.
Фондот нема во целост да ги плаќа ни тие 700 лева.
„85% од плафонираните 700 лева ќе ги покрие фондот, остатокот ќе ги плати пациентот, во кеш или евентуално од некое доброволно осигурување“, објасни Ананиев.
Вториот предлог е да се оди во комплетна демонополизација и на самиот државен здравствен фонд и да се воведе пазарна конкурентност меѓу различни фондови, што во посакуван исход би довело до намалување на цените на здравствената заштита.