Стармер крати пари за борба против руското влијание на Западен Балкан

Владата на Кир Стармер ја намали за 40% поддршката што им ја дава на земјите од Западен Балкан за справување со дезинформации и кибернетски напади, како и за зајакнување на демократијата. Невладини организации ја критикуваат одлуката како „поткопување на угледот на Британија“ и бараат повеќе пари за „борба против руската агресија“.

Британските трошоци за Интегрираниот фонд за безбедност, наменет за зајакнување на Западен Балкан, каде што Русија е обвинета за сеење поделби и создавање дестабилизација, се намалени од 40 милиони фунти минатата година на 24 милиони фунти за 2025-26 година.

ISF е дизајниран да се справи со заканите од највисок приоритет за националната безбедност на Британија дома и во странство, а кратењата се одраз на промената на приоритетите во политиката на премиерот Кир Стармер.

Тој неодамна го опиша регионот на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија како „европски ќорсокак - местото каде што безбедноста на нашиот континент е ставена на тест“.

Учеството на Официјалната развојна помош (ODA) во Интегрираниот фонд за безбедност за Западен Балкан е намалено од 31,9 милиони фунти во 2024-25 година на 17 милиони за 2025-26 година. 

Бројките во извештајот се само дел од вкупните британски инвестиции во Западен Балкан за прашања како што се организираниот криминал и непријателските државни активности, изјави портпарол на владата.

Кејт Фергусон, директорка во невладината организација Protection Approaches вели дека со намалување на средствата Британија „го поткопува својот добар углед во регионот“.

Британија се истакна во Западен Балкан како доверлив и принципиелен лидер, додека другите понекогаш се колебаа. Сега, како што во регионот се продлабочуваат новите форми на руска агресија и злонамерно влијание, ова лидерство мора да се зајакне, а не да се разводни, вели Фергусон.

Портпаролот одговара дека „ISF е дизајниран да се прилагоди на најновите приоритети за национална безбедност, што значи дека е природно одлуките за трошење да еволуираат со текот на времето“.

20 декември 2025 - 09:42