Потребни состојки:
- телешки ребра
- лук
- рузмарин
- путер
- маслинов зејтин
- јаворов сируп
- мед
- сол
- бибер
- коцка супа (телешка)
- млад компир
- сите зачини што ги имате по дома
Додека патував низ светот (a тоа ми го овозможи работата), ја имав таа можност да пробам многу традиционални кујни. И покрај толку многу храна низ светов, единствена кујна што можам да ја јадам во секое време е онаа на Америка. Јас стварно не знам што ставаат во храната, дрога ли ставаат, што ли ставаат, ама не е бе можно толку да те тера да ја јадеш. Нешто од внатре те тера. Како со Мекдоналдс на пример. Сите знаеме, а можеби и не знаеме баш од што се направени и пак се давиме во тие мали, создавачи на завист. Mи фалат сабајлето после искачање, ѓубриња мали! Сум рекла, ако јас живеам во Америките има да се направам 500кг. Па затоа денес на мени, комплетно амерички ребра.
Моите ребра беа замрзнати. Нормално дека ги купив свежи, но не ги употребив истиот ден, нели. Ги извадив 4-5 часа пред спремање, а во меѓувреме бев доста продуктивна и со другарките спуштивме два филма и ја догледавме последната епизода од The Affair. Добра!
Чекори за подготовка:
- Вака треба да изгледаат ребрата “ПРЕД“ :)
- Во доволно големо тенџере (хинт: она што ќе ги собере), ставете ги ребрата и полијте ги со вода, доволно за да ги покрие. Изронете ја коцката супа и почекајте да зоврие. Намалете ја температурата и варете ги ребрата околу еден час. Ова го правиме за да омекнат малце бидејќи телешкото ребро само по себе е малку жилаво.
- Додека се варат ребрата, во тава ги ставам младите компири, поливам со маслиново и ги ставам сите можни зачини што ги имам по дома. Сол, бибер, копар, рузмарин, куркума, чили, кари... може и да ставите сусам, мене касно ми текна и не го ставив. Убаво ги мешам за да се покрие секој дел од компирот со зачин. Пред да ги ставам да се печат, ставам помеѓу нив коцки путер. Путерот ќе го омекне компирот и ќе му го збогати вкусот. Се печат отприлика 45 минути, да фатат убава кора.
- Ребрата се веќе при крај. Земете ќеса за замрзнување, од оние малите. Ставете две една во друга бидејќи ќе ги ставиме врелите сварени ребра внатре и можно е од топлината едната да ви се дупне. Мене така ми се случи па затоа ви кажувам :). Сите ребра во ќеса, многу маслиново масло, две чешниња лук ситно сецкани, рузмарин, сол, бибер и јаворов сируп.Почнете да ги триете убаво за цела смеса да ги покрие. Знам дека ќе биде врело ама ќе издржите. Така комплет ги истурам во тава за печење и ставам мали коцки путер.
- Искрено да ви кажам, појма немам колку време ги печев, да речеме 30 минути. Ќе приметите дека се скоро готови кога ќе почнат да фаќаат кора. 5 минути пред да ги извадите скроз, ќе ги извадите на кратко и ќе ги полиете убаво со мед. Секое ребро посебно. Вратете ги назад и како што кажав, по 5 минути извадете ги и - Voila (тоа јас, на француски)
- Послужете ги заедно со компирите и спремете се да лижете прсти. Препорачувам свои :)