
Се замолува универзумот да се јави на главна каса и да каже кога точно, и со чија декрет-одлука, реши дека сè што е чудно, непознато и вонземско мора да биде обоено во зелено? Не постои ниту еден астрономски факт, ниту еден научен доказ или радио-сигнал од длабочините на космосот што го потврдува тоа. А сепак, ако им дадете лист хартија на петгодишно дете и на професор по астрофизика, нивниот прв инстинкт ќе биде идентичен: ќе нацртаат мало, зелено суштество со антени. Оваа колективна перцепција е повеќедецениски триумф на медиумското програмирање на нашата имагинација.
Уште од ерата на евтините стрипови од педесеттите години, преку научната фантастика, па сè до масовната холивудска индустрија, зелената боја е универзален код за „нечовечното“ и „туѓото“. А синоним за оттуѓеност е алиенизација, па од таму и терминот алиен (елиен) што всушност значи туѓинец. Туѓинец vs. Предатор - одличен филм. Медиумите создадоа подмолен психолошки шаблон: сè што претставува отстапување од класичната човечка анатомија мора да го носи тој специфичен пигмент. Погледнете ги кутрите Шрек или Халк - и двата лика, иако длабоко емотивни и комплексни, задолжително се обоени во зелено за публиката на прв поглед, потсвесно, да ги препознае како суштества надвор од вообичаената човечка матрица, како нешто одвоено од нашиот нормативен свет. Исто и Гринч и Нинџа Желките. Поп-културата толку длабоко ни го има врежено ова правило во главата, што дури и кога еден од бардовите на српската улична поезија - Ајс Нигрутин ќе испее дека „туѓинците” се всушност металик, розе и дебели, во неговото капитално дело „Спејс Нигрутин“, тоа ни звучи како апсурд или виц, а не како подеднакво легитимна можност.
Денешниот рецепт е дискретен, саркастичен и софистициран експеримент што ѝ пркоси на таа слепа верба во визуелните конвенции. Мајонезот, во својата суштина, е светла, кадифена, жолтеникаво-бела емулзија од жолчка и масло. Тоа е идеалот што го знаеме сите. Но, кога во таа класична алхемија ќе инфузираме интензивен, светло зелен пигмент извлечен директно од свежи тревки, добиваме кремасто чудо што изгледа како да е испратено од друга галаксија. На прв поглед целосно неприродно, „вонземско“ и со марсовска нијанса, која во реалноста е добиена од најчистата, органска природа.
Состојки:
- 1 голема китка свеж власец (или млад кромид, магдoнос, босилек)
- 150–200мл зејтин
- 1 свежа жолчка од јајце (на собна температура)
- 1 лажичка сенф
- 1 лажица сок од свеж лимон
- Малку ладна вода и коцки мраз (за шокирање на тревките)
- Прстофат морска сол и свеж црн пипер
Постапка:

1. Бланширање и зачувување на бојата:
Во тенџере со зовриена вода ги потопуваме свежите зелени стебла кратко (околу 15–20 секунди) колку само да омекнат и да го ослободат хлорофилот. Веднаш ги вадиме и ги префрламе во длабок сад со ледена вода и коцки мраз. Ова шокирање е клучниот момент што ја зачувува онаа заслепувачки зелена нијанса.


2. Извлекување на зеленото масло:
Исцедените и добро исушени зачински тревки ги блендираме заедно со растителното масло во јак блендер или процесор за храна додека да добиеме густа, зелена каша. Смесата потоа ја цедиме низ ситно сито или филтер-хартија/газа/кујнски бришач. Она што капе долу е кристално бистро, интензивно зелено инфузирано масло.


3. Емулзија (База за мајонезот):
Во длабок сад ги ставаме жолчката, сокот од лимон, сенфот и малку сол. Со рачен блендер или жица за матење почнуваме да матиме, додека во многу танок, континуиран млаз суптилно го додаваме подготвеното зелено масло.

4. Финална текстура:
Со постепено вметнување на зеленото масло, мајонезот згуснува и ја поприма својата кадифена, совршено мазна и сјајна „вонземска“ текстура.

Сервирајте го со топло, крцкаво лепче. А зеленото масло не мора да го мајонезирате, може да го додавате врз сосови, салати, супи и да се курчите по Инстаграм.

На здравје!
Кирил Стоименов - фан на првите три албуми на бендот „Зелен ден“