Не направивме математика што беше најчитано годинава на нашето спортско милениче Офсајд, туку ги собравме на купче разговорите со ценетите Стиков, Адеми, Панчев, Бабунски, Лекиќ, Радичевиќ, Муарем Муарем, Тупан, Стефан Ристовски, Војдан Стојановски, Калински и Зоте.
Радиофоничниот глас на Калински ќе оди во етер уште две и пол години. Би сакал да коментира со уште тројца вардарови легенди, по дома гледа снукер, а зад себе има и одбојкарска кариера која била пресудна за првиот пренос во кариерата.
Бекот на македонската фудбалска репрезентација поминал низ тешки кризи и се калел во четири италијански клубови за на 22 години да заигра во Серија А. Хамшик и Игуаин ги запознал на гости кај Пандев, а за словачкиот репрезентативец вели дека треба двајца чувари.
Македонскиот репрезентативец кариерата ја почна во КК Вардар, а сезонава со Алба Берлин го освои гермнаскиот куп и заигра во Евролигата. Како дете лепел постери од Џинобили, а пред три недели прво го победи, а потоа и вечераше со него и останатите НБА шампиони.
„Златната копачка“ за 1991 година ни раскажа како пукнала тиквата во Интер, кои европски гиганти го барале, што мисли за новиот Вардар, зошто не успеал да ја отвори фудбалската школа на Милан, за коментирањето со Калински, сомнителниот меч со Сампдорија...
Најдобрата ракометарка во светот живее во Тафталиџе, ужива во чаша црвено вино и сè уште е под импресии што ракометот е национален спорт број 1 во Македонија. За нејзината колешка вели дека е партибрејкер која прва си легнува во кревет во 10-та минута од филмот.
Од Ѓорче до Романија, преку Чаир до Бугарија, па се до далечните Кина и Кореја. Мераклиски беше да се разговара со поранешниот македонски репрезентативец познат како Тупан. Вардарец во душа, кој мрази Фејсбук, отворен и расположен за кафе муабет со секого.
Најпрепознатлив е по својот глас пренесувајќи во својата богата четиридецениска кариера фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, борење, па се до скијачки спортови. Има околу 2.000 преноси зад себе, а во неговата тонска архива во преден план е записот од ракометниот храм „Кале“ кога Кометал стана европски првак.