Стиков е жива новинарска легенда со кого двочасовната средба беше прекратка за да ни ги издвои сите најинтересни доживувања од неговото богато творештво на програмата на Македонското радио. Коментаторска позиција имал на олимпијади, на светски и европски првенства, а подеднакво професионално им пристапувал и на преносите од се попразните трибини во македонскиот фудбал. При сета негова стручност и искуство, тешко можело да го деконцентрира и канонада од петарди, но затоа го изненадило влијанието на комарците врз фудбалската игра.
Од колку првенства и oлимпијади имате известувано и дали имате евиденција од колку вкупно натпревари?
- Во својата новинарска кариера сум бил на 7 олимпијади од кои 6 летни. Бројката на светски и европски првенства во повеќе спортови е многу поголема, а сум известувал и од шаховска олимпијада, од универзијада и од медитерански игри. Ако се земе предвид континуираното покривање на натпреварите во домашната и меѓународната конкуренција, тогаш, навистина, сизифовска работа би било евидентирањето на сите мои известувања од спортски настани. Не можам ни да претпоставам колку би изнесувала таа бројка. Во 42-те години на спортско новинарство се откажав дури и од регистрирањето на радио –преносите, но тука веќе може да стане збор за приближно две илјади. Со нив, со водењето на редовните и вонредни спортски емисии, како и со прилозите во секојдневните спортски рубрики, сигурно, му припаѓам на најтесниот круг новинари со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Кој спорт најмногу ви „лежеше“, а од кој најмалку сакавте да известувате?
- Ако судиме според бројката на преноси и нивната слушаност најмногу би требало да ми „лежи“ фудбалот. Впрочем, поради него, слушајќи ги, како дете радио- преносите од фудбалските натпревари (телевизиски уште немаше), можеби и се определив за спортското новинарство како професија. Но, во работата не сум ги делел спортовите на повеќе и помалку симпатични. Припаѓам на радио-репортерите кои ги реализираа и првите преноси на програмата на Македонското радио од кошарката, ракометот и одбојката. Сум пренесувал и борење, бокс, хокеј, атлетика, натпревари во кајак, па и скијање и ски-скокови и се покажало дека слушателот може да си долови слика и концентрирано да го следи текот на настанот, доколку репортерот добро ги познава елементите на спортскиот натпревар и со разбирлива терминологија и посебно прилагоден радио-израз, го гради преносот. Значи, во кариерата немав селективен однос спрема спортовите, а сигурно, посебно ми „лежеле“ настаните од врвно ниво, особено значајни за нашето спортско живеење и за нашата меѓународна афирмација.
Кои преноси би ги издвоиле како најдраги?
- Мојата збирка на зачувани тонски записи започнува со преносот од завршниот дуел на Кометалки против Херц кога со 26:22 станаа континентални шампионки. Потоа тука се преносите од: првиот меч на нашата фудбалска репрезентација во Крањ против Словенија 4:1; рекордните 11:1 против Лихтенштајн во Вадуц; големите 2:2 со Англија во Саутемптон. Годат и се паметат, посебно моментите на триумф, на успех, поприемчиви се и преносите, а сепак, за особено слушан и одлично примен, важи и еден мој пренос од натпревар во кој нашиот претставник беше поразен. Станува збор за Вардар кој во 1985 година се избори за учество во тогашниот куп на УЕФА и првиот настап му беше на гости кај Динамо (Букурешт). Огромно беше интересирањето за враќањето на Вардар во евро-конкуренцијата по пауза од, безмалку, четврт век. Загуби со 2:1, но овој резултат беше оценет како повеќе од успешен бидејќи следуваше реванш во кој токму гостинскиот гол на Рингов се покажа пресуден. Црвено-црните во Скопје и со минимални 1:0 продолжија на евро-сцената.
Ви даваа ли спортистите пофалби за вашата работа и дали некој спортист ви се налутил за некоја критика упатена кон него во тек на пренос?
- Сигурно дека имало и пофалби и забелешки, но првите, главно, ми биле непосредно упатувани. За мене најголемо задоволство е дека на толку мои известувања од настапи на генерации наши спортисти не сум дошол во конфликт ни со еден. Посебно го истакнував успехот, имав разбирање за изневерените очекувања. Секој од најразлични причини може да има слаб ден и затоа, конкретно во преносите, избегнував директно да прогласувам главни виновници за евентуалниот пораз. Ќе ја опишев ситуацијата со грешката на одреден играч, но колку таа била причина и за неуспехот, оставав да заклучи слушателот. Зашто ако „оцрнев“ некого, посебно, во времето кога фудбалските преноси беа редовно и со страст следени, кога според нив известуваа и другите медиуми, навивачите со денови од уста нема да го извадеа дотичниот, а нему ќе му требаа дополнителни сили и особена храброст во обидот да се рехабилитира во наредниот настап, пред домашната, критички настроена публика. Покрај со спортистите, сосема коректна соработка имав и со тренерите и со раководствата на клубовите и денес нема познаник од спортското поле со кој не посакувам да се видам, поздравам. Секоја средба е срдечна, со задоволство се навраќаме на деновите кога, обострано активно му припаѓавме на нашиот спорт.
Сте имале средби со легенди како Платини, Дражен Петровиќ, Дивац...Што Ви остана најмногу во сеќавање од разговорите со нив?
- Исклучителни личности, со особености својствени за спортските идоли. Платини уште како дете покажал невидена фудбалска упорност за да докаже дека местото му е во училишниот тим. За Петровиќ обврзниот термин за тренинг секогаш бил прекраток, без оглед што уште како јуниор ги надмина своите поискусни клупски колеги. Кај Дивац, на неговото прволигашко деби во Скопје, веднаш ги видовме амбициите за предводник иако беше најмлад во составот на Слога (Кралево). Ги извлеков овие фрагменти од блескавите кариери на посочените спортски асови, за да укажам на формулата врз која се гради врвниот спортски дострел. Единствена е. За мене потврдена и низ она што го знаев, а и непосредно го дознавав, во контактите и разговорите и со други ѕвезди на спортското небо. На него не блескаат сите што поседуваа раскошен талент и извонредни физички предиспозиции, туку оние, кои токму со тие квалитети, ќе се впрегнат во макотрпна работа и бескрајна упорност и тоа не само во совладување на постојните вештини, туку и во изнаоѓање нови, за да можат, водени од својот победнички менталитет, секогаш да бидат први, најдобри.
Ви паѓаше ли мотивот кога по едно големо натпреварување требаше да се вратите во Македонија и во недела на „Спорт, музика, спорт“ да коментирате натпревар од македонска Прва лига на кој има 26 гледачи заедно со редарите.
- Бев брзо прилагодлив на домашните услови но, потенцирам, со неменлив професионален однос без оглед на рангот и значењето на настанот што ќе го пренесувам. Оттука не да немав мотиви, ама квалитетот на нашиот фудбал кој ги „избрка“ гледачите од трибините, ретко ми овозможуваше да направам осебно слушан пренос, како во времето кога „градски“ го полнеше и второлигашки дуел, а за голот на Вардар ќе се чуеше се до рампата во Кисела Вода. Не беа лишени од поттикнувачка атмосфера ни првите сезони во нашето самостојно првенство, се додека Вардар, Пелистер, Победа, Силекс имаа изедначени сили и амбиции во трката за приматот. Потоа веќе може да говориме за период на постојан пад на квалитетот се до денес. Според популарноста и посетеноста фудбалот веќе не е спорт број еден кај нас. Ракометот и кошарката се пред него, пред се, поради неспоредливо поуспешните меѓународни резултати, како клупски така и репрезентативни. Впрочем, додека оние што не претставуваат во фудбалска Европа испаѓаат уште во квалификациите, во ракометот сме евро-хит со три клуба од ист град и тоа во завршницата на извонредно силните и атрактивни натпревари на шампионите.
Како Ви минуваат пензионерските денови? Сигурно и натаму го следите спортот, па кажете ни и кој коментатор, притоа, најмногу сакате да го слушате?
- Иако наскоро ќе наполнам тригодишен пензиски стаж, се уште преку денот сум во некаква нелогична динамика што ми ја наметна професијата - постојано да го погледнувам часовникот како се уште да треба во секунда да ја отворам програмата, да внимавам да не ги промашам многубројните дневни термини или да не се случи навреме да не стигнам на својата репортерска позиција. Инаку,се обидувам да се придржувам до девизата на третата доба:„ Движи се и дружи се.“ Засега повеќе се возам отколку што се движам, но затоа дружењето со пријатели, познаници, колеги новинари и пензионери е редовно, при што неизоставна тема, нормално, е и спортот. Со него сум задолжително и во „слободното време“. Гледам, прелистувам, пребарувам, а по некогаш и нешто ќе забележам, напишам. Преносите од спортските настани знаат да ми го планираат и денот, а што се однесува до колегите коментатори не очекувајте да кажам кого преферирам бидејќи веднаш може да ми се припише некаква субјективност. Имено, со повеќето ме врзуваат прекрасни денови на најнепосредна соработка при нивниот новинарски почеток и развој, токму, во спортската редакција на Македонското радио.
Паметите ли некоја анегдота од сред коментирање? На пример да останете “без глас“, да ви скинат кабел или некоја непријатна случка со публиката?
- Гласот никогаш не ме изневери. Можеби и затоа што кога беа во прашање преносите, посебно се грижев за него. Прекини на врските имаше, некогаш и намерни. Како што се случуваше и цел дувачки оркестар без престанок да ми свири над глава или петарди да ми одекнуваат зад петиците. Јас, сепак, се определив за анегдота врзана за случка од теренот, за која не можев ни да претпоставам кој или што би можело да ја предизвика:
Во Нови Сад играа Војводина и Вардар, во вечерен термин. Некаде по половина час беа вклучени рефлекторите, за малку потоа, сите фудбалери од клупата на Вардар да се растрчаат лево -десно покрај теренот како да се загреваат за влегување. Заклучив дека во финишот на првиот дел, тренерот Шулинчевски незадоволен од стартерите најавува „хокеарски“ измени. Но, заврши полувремето, а никој не влезе во игра. Ништо не ми беше јасно. Се упатив во вардаровата соблекувална и веднаш видов дека играчите имале изнудена активност. На сите до еден на лицата, по рацете и нозете беа видливи траги од немилосрдни напади на комарци. На клупата на домаќините било мирно бидејки сите до еден претходно се намачкале со спасоносниот „Аутан“ кој на вардарци им беше понуден со задршка, дури во паузата.